Прославен Илинден во Овчарани

Македонците од Леринско, Воденско, Солунско и други региони во Грција во Овчарани го одбележаа националниот празник Илинден.

И годинава на 19 и 20 јули во македонското село Овчарани, Леринско, се одржа традиционалната Илинденска средба на Македонците во Егејскиот дел на Македонија во Република Грција. Неколку илјади Македонци од сите делови на Македонија го прославија македонскиот национален и верски празник Илинден (по нов стил) со наши ора и песни.
На прославата присуствуваа и бројни Македонци од Република Македонија како и наши иселеници од прекуокеанските земји – САД, Канада и Австралија, кои летово престојуваат во Македонија.
Гостите на народниот собир ги забавуваа групата „Синтезис”, како и познатите пејачки Сузана Спасовска и Елена Велевска кои по првпат атмосферата во Овчарани за свети Илија ја направија исклучиво македонска. За разлика од другите години, оваа немаше воопшто грчки песни. На прославата учествуваа и македонски културно-уметнички друштва од повеќе места од Егејскиот дел на Македонија како и КУД “Преспа” од општина Пустец во Република Албанија.
По концертот на „Синтезис” почна традиционалното оро кое траеше се до раните утрински часови. И покрај обидот на мала група присутни со свирежи да ја намалат прославата на големиот празник, сепак се мина во најдобар ред.
Но екипата на “Канал 5” била спречена професионално да си ја заврши работата со образложение дека нема специјална дозвола за снимање во Овчарани, па не можеше да стигне таму со службеното возило и опремата за снимање.
За инцидентот се заинтересираа и членови на Европската слободна алијанса која е четврта по број сила во Европскиот парламент. Тие најавија можност за ова прашање и за прекршување на слободата на известувањето да се зборува и на некоја од наредните седници во Европарламентот.

Останати вести