ЗБОРНИК “ИЛИНДЕНСКИТЕ СВЕДОШТВА” ВО ИЗДАНИЕ НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ
Државниот архив на Р. Македонија деновиве го објави зборникот “Илинденските сведоштва”, книга 1, прв и втор дел, во редакција на Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски.
– Македонската историја се уште располага со пишани и недоволно истражени извори, кои говорат за судбинвта на македонскиот народ. Токму таков извор е збирквта документи во Државниот архив на Р. Македонија, дел од Фондот 159 со наслов “Извршен совет на НРМ. Одбор за доделување илинденски пензии. Досиеја на признати илинденци (1946 -1956)”. Овој историски фонд е обемен и создаден од државната власт од 1946 до 1956 година и нивната одлука за признавање и наградување на активностите на учесниците, мажи и жени, во националноослободителните движења од крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Повикот и одлуката за познатиот Закон за илинденските пензии резултирал со доставување 3,000 документи, односно досиеја на илјадници граѓани од Македонија, меѓу кои најважни се ceќaвaњaтa на овие баратели за нивното учество во предилинденскиот, илинденскиот и постилинденскиот период, опфаќајќи го периодот и на балканските војни, првата и Втората светска војна – информираше Архивот за најновото издание.
Сеќавањата информираат многу детално за Македонската револуционерна организација, за нејзиното формирање, издигнување и одржување, за воените подготовки и ставање крај на османлиска Македонија. Информираат за општествено-економскиот контекст на растот на организацијата, начинот и патот на вооружувањето, церемониите на заколнување на членството и механизмот за одржување на таинственоста, покорноста и лојалноста, како и за дејствување и движењето на четите формирани од многу познати охридски, битолски, крушевски, штипски, велешки војводи…
Еве некои од тие сведоштва.
Милан Миленков Ангелов, Св. Николе:
“Роден сум 1876 година во село Сопот, околија Светиниколско. Од моето детинство па се до навршената 20-годишна возраст работев земјоделие при родителите. Од 1903 година бев опфатен од организацијата В.М.Р.О. – Гоце Делчев. Од тогаш сум учесник во таа организација и Илинденското востание за ослободување на македонскиот народ во засебна автономна држава… Сум пренесувал оружје и водев борба со турската власт во селото Карбинци, Штипско. Вршев атентати на турските полјаци по селата кој го тормозеа македонското население. Така во село Превод, Св. Николско во 1903 година го убив полјакот кој вршел големи недела над Македонците и кој се обидел и да грабне една девојка по име Вела од с. Сопот. Ова го сторив по наредба на Организацијата… Десет дена по убиството доаѓа турската власт, ме фаќа и ме носи во Куршумли-ан, каде што ми изрекува пресуда на казна „вековен затвор 101 година# . Со објавувањето на Јуриетот, јас бев отпуштен од Затворот и се вратив во родното село Сопот. Со враќањето од затворот не престанав да работам. И понатаму продолжив се до 1912 година, т.е. се додека не настана Светската војна и така се растури Организацијата…”
Лазо од тогашниот Титов Велес:
“Роден сум 1873 година. Од 1900 до 1912 година сум бил активен член на Македонската револуционерна организација за ослободувањето на Македонија. Во мојата куќа каде што живеев беше направена скривница која служеше за склад на оружје и муниција за четите и скривалиште за ранетите. Бев активен член кај кој стигнуваа најглавните соопштенија и набавки. Во 1903 година (за време на претресите и опсадите кои ги вршеа Турците), бев претресен од турските власти за едно доверливо писмо и во тој случај бев тепан бидејќи во тој момент го соџвакав писмото и го голтнав да не дојде во рацете на Турците…”, пишува меѓу другото во својата молба како доказ за исполнување на условите за илинденска пензија,
Васил од село Смоквица, гевгелиска околија, земјоделец, во својата молба пишува:
“Сум бил деец на Илинденското востание и на уништувањето на турската власт од 1898 до 1912 година. Сум ги помагал четите кои се бореа за таа цел, со давање, купување на муниција, храна, разнесување на писма до одговорните раководители. Како таков бев притворуван, тепан и мачен од турската власт… Наводите ќе ги потврди и најголемиот заслужник, соработник и маченик на Илинденското востание другарот Ангел Динов”…
Бев заколнат 1898 на сабја и револвер…
“Бев заколнат 1898 година на сабја и револвер дека ќе работам чесно и верно за Организацијата и ќе ги чувам нејзините тајни. Ме заколна Ќосето Андон. Ми даде пушка како на легален курир и како таков разнесував чети, оружје, храна во нашите места и преку Вардар, каде што се спремаше востанието, вели еден жител од с. Смоквица, Гевгелиско.
Диме од прилепска околија во својата молба пишува:
“Во Илинденското востание бев учесник и тоа лично во Крушево, со Тодор Офицерот во борба против Турците, од почетокот па до крајот на востанието. Касарните во Крушево ги сардисавме и со газија фрлавме. Касарните се запалија, војската почна да рипа од пенџериња, некои куртулија, избегаа, а некој ги отепавме. “Мудирот” што ги уби комитето го фативме. Во Крушево седевме 13 дена, четиринаесеттиот стаса огромна турска војска, три илјади со водачите. Отстапивме, отидовме во Церско, во планините…”
Коларот Коле од селото Добрево, Кочанско:
„Како млад со желба македонскиот народ да биде ослободен од турското ропство, во 1900 година при формирањето на раководното тело во селото од кратовската чета на војводата Диме Берберот и секретарот Паноиот бев заколнат за верна работа на организацијата и поставен за помошник на војводата и граничен курир. На таа служба бев со целиот свој живот одаден… Често пати сум носел оружје и пошта во самиот Штаб на организацијата во село Кнежево каде што се наоѓаше и самиот Дамиан Груев…”
Извршив атентат на еден бег опасен за нашето население…
Стеван од с. Крушче
“Пет месеци пред Илинденското востание во 1903 собирав оружје за македонските чети. Два месеца пред Илинден 1903 година доброволно се пријавив во четата на војводата Славеико Арсов, каде што вежбав со пушка. Со мојата чета на Илинден вечерта учествував во палењето на Турскиот ан во селото Крушче, Ресенско. Учествував во големата битка на планината Бигла. Во таа битка се борев против Турците дваесет и четири часа непрекинато и бев ранет со три куршуми, во главата, вратот и десната рака. По смртта на војводата Арсов, кој загина во Штип, во борба против турската војска, јас се придружив на војводата Крсте Траиков. По неговата наредба извршив атентат на еден бег кој бил опасен за нашето население, а кој се викал Зекиан…”.
Митра од Мургашево, Демирхисарско:
“Родена сум 1881. Година во село Вардино, Демирхисарско. Пред 1903 уште од тогаш како жена почнав да помагам на четата на војводата Велко Марковски со перење алишта, предавање на писма од село до село. Бевме организатори со мојот маж. Ни беше наложено да направиме скривница во нашата куќа. По погинувањето на војводата во село Ракитница, во нашиот реон настапи војвода Ванчо Џонето, кој со 12 души дојде во нашата куќа. Во тој момент некој шпион ја издаде четата и нашата куќа беше сардисана од турскиот аскер, али јас како свесна жена ја отворив скривницата и влегоа 12 души и така успеав да ги спасам од смртта. По претресувањето на селото не се најдени. Мене со малото дете ме одведоа во с. Прибилци при “мудирот”, боса и по снегот и таму ме мачеа за да ја издадам четата, но јас со тврда волја не го сторив тоа…”, пишува во својата молба
Според директорот Петровски, Државниот архив на РМ одлучи да ги објави оригиналните документи со надеж дека ќе го разбуди интересот за повторно препрочитување, истражување, анализирање на меморијата на обичното граѓанство за тоа што направило во името на Организацијата и македонското револуционерно движење.
Со нивното публикување сега, 70 години од нивното создавање, научниците во Македонија и надвор од неа имаат можност да ја сфатат македонската историја на глобално ниво.

