Французи и Британци снимале филмови за Илинденското востание уште во 1903

Европа снимала филмови за Илинденското востание и последиците од него уште во 1903 година. За ова зборува новата книга на филмскиот критичар Илинденка Петрушевска „Само сонот е стварност”, која беше промовирана на филмскиот фестивал „Браќа Манаки” во Битола. 

Kнигата донесува податоци за филм снимен за Македонија во 1903 година. Тоа бил филмот „Kолежите во Македонија” снимен во продукција на компанијата „Браќа Пате” од Франција. Инспирацијата за филмот било Илинденското востание и репресиите врз цивилното население од страна на турската власт.
„Режисер на првиот филм снимен за Македонија бил Лисиен Нонгие. Снимањето било направено во студијата на компанијата во Венсан, во близина на Париз. Филмот имал должина од 35 метри, а проекцијата траела две минути. Бил прикажуван во Франција и Велика Британија под наслов „Турски суровости”. Ова атрактивно оставрување стигнало и на Балканот. Во 1904 година филмот бил прикажуван во Љубљана, а потоа и во Белград”, пишува во книгата.
Велика Британија исто така во 1903 година снимила документарен филм за Македонија и последиците по Илинденското востание. Така, книгата содржи податоци дека првиот документарен филм во Македонија го снимил Чарлс Рајдер Нобл од Лондон кого компанијата го испратила да ги документаира настаните по востанието (две години пред првата камера на браќата Манаки). Британскиот сниматал овде престојувал од есента 1903 та до почетокот на 1904 година. За тоа време снимил осум филмови во Пиринска и југоисточна Македонија. Вкупната должина на монтираните филмови била 253 метри, а времето на прикажување 15 минути.
Еден од неговите поатрактивни филмови бил „Македонските востаници се борат со Турците” во кој била прикажана драматична пресметка на востаниците со Турците, при што еден востаник загинал, а четворица биле повредени. Овој филм во 1904 година бил прикажуван во Лондон во угледната сала „Алхамбра”. Побудил голем интерес, па информации за него објавиле водечките британски весници „Блек енд вајт”, „Морнинг пост”, „Пеликан”. Овој филм бил прикажан и во Македонија и Бугарија и други, пишува во книгата на Петрушевска.
Kнигата содржи многу податоци за развојот на македонската кинематографија, но напишани на интересен начин и со бројни личности кои придонеле за развојот на македонското кино, а кои и денес не и се познати на јавноста.
– Ова е прилог за развојот на македонската кинематографија и сакав да биде подостапен за читателите, да го содржи најбитното и чувството на луѓето што се занимавале со филм. Тие имале сон. Имав средбата со луѓе што имале кино-сали, особено во Штип со Лазар Kазанџиев, човек кој вистина сонувал, но кој по 1945 година дури бил и во затвор за ништо. Мене ми требаше цела недела со 3.000 врски да стигнам до нив, мислеа дека сум провокатор, УДБА, а ова се случуваше во 80-тите години. Откако се запознавме бев драг гостин. Требаше да се допре до тие луѓе. Јас само сакав да ги собериме артефактите за нашата кинематографија, вели Илинденка Петрушевска.
Kнигата донесува податоци за битолчанецот Лазар Сорчев, кој прикажувал филмови уште пред браќата Манаки да го отворат нивното кино на Широк сокак.
„Лазар Сорчев се вратил од Америка непосредно пред завршувањето на Првата светска војна и во една барака во центарот на Битола отворил кафеана. По наговор на својот пријател Темелко Трајков во салата инсталирал кино проектор и со проекции почнал 1920 година. Покрај програмите со играни филмови еднаш неделно во претпладневните часови имало бесплатни проекции на здравствено едукативни филмови придружени со соодветни предавања. Kиното работело до 1923 година со тоа што во зимскиот период од 1921 до 1923 година им го издавал киното на браќата Манаки додека тие ја граделе нивната кинозграда на Широк сокак”, пишува во книгата.

(“Дневник”)

Останати вести