Илјада години Бигорски манастир – историски, културен и духовен бисер на С.Македонија

Илјада години одбележа Бигорскиот манастир, основан во далечната 1020 година од првиот oхридски aрхиепископ Јован Дебранин. Посветен е на свети Јован Крстител

Во услови на рестрикции поради пандемијата со коронавирусот, со мал број одбрани присутни, Бигорскиот манастир одбележа 1.000 години постоење.

Беше отслужена божествена архијерејска литургија, со која чиноначалствуваше архиепископот г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.
– Бигорскиот манастир е нашиот победник над времето и над вековите, наша гордост што трае зашто од љубовта кон него и од љубовта од него израсна во неисцрплив вруток во наш духовен горостас и наш најдобар презент, рече меѓу другото во пригодното слово кон присутните Архиепископот г. г.Стефан. г.г. Стефан кој посебно се задржа и на придонесот на г. Партениј и бигорското братство за она што денес претставува Бигорски и неговите метоси, посебно за помошта и подршката што ја дава за духовните чеда.
– Токму овој јубилеј не поттикнува да размислуваме колку мудро ги користиме деновите во нашите животи и во што ги вложуваме. За многу страдалници од различни генерации, држави и религии, Бигорскиот манастир претставува духовно засолниште од бурите на животот. Соѕидан од бигорскиот варовник и постојаните молитви. Денес, на почетокот на второто илјадалетие на Бигорскиот манастир размислуваме како некоја следна генерација наши потомци ќе ги цени делата на нашата генерација.
Нека е честит големиот јубилеј – 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир! – рече покровителот на прославата, македонскиот претседтел Стево Пендаровски.
На архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан како и на надлежниот митрополит Дебрско-кичевски г. Тимотеј им беше врачено највисокото милениумско одликување на Свештената Бигорска Обител – лента со ѕвезда и крст со ликот на свети Јован Претеча.
Во илјадагодишното постоење манастирот поминал низ различни периоди и епохи, се соочувал со различни предизвици кои ги носело времето.
Педесет монаси и монахињи брои денес бигорската обител и претставува една од најголемите монашки заедници на Балканот. Тие се распределени во четири манастири, од кои Бигорскиот манастир и Манастирот на Свети Великомаченик Георги Победоносец во Рајчица се административно поврзани, а другите се во Манастирот Благовештение на Пресвета Богородица – Пречиста кај Кичево и на Свети Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Кнежино, Кичевско и тие се само под духовно раководство на епископот Антаниски г. Партениј, а имаат свое самоуправување.
Партениј кон крајот на јули 1995 година, откако одредено време престојувал во манастирот Григоријат на Света Гора, по враќањето во земјава добил задача да го обнови Бигорскиот манастир. Тогаш 24-годишниот Зоран Фидановски, со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски митрополит г. Тимотеј ја започнува својата монашка посветеност, за обнова и продолжување на вековната духовна традиција во древното македонско православно светилиште – Бигорскиот манастир.
По упокојувањето на последниот монах и игумен, отец Спиридон, во 1948 година, монашкиот живот во Бигорски бил сосема згаснат, а богослужението прекинато. Храмот на Свети Јован Претеча бил целосно запуштен и нечист, конакот Долни палат – само еден несоодветно принаправен објект, Горни палат во распаѓање, немало ни соодветна електрична инсталација ни водоводна мрежа, ниту некакви основни услови за живот.
Знаејќи дека духовната обнова на секој манастир започнува, пред сè, со обновата на литургискиот живот, отец Партениј го воведува редовниот православен богослужбен циклус, според светогорскиот типик и ред на богослужење. Тој посветува посебно внимание на раскошните бденија за поголемите празници, особено за Велигден. За нешто повеќе од две децении вратен е стариот сјај и убавина на манастирот. Најпрвин во 2001 година, во тоа особено тешко и неизвесно време, потполно е возобновен и духовно заживеан манастирскиот метох – женскиот манастир посветен на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица, каде денес се подвизуваат монахињите. Само две години подоцна, Партениј заедно со монашкото братство, се зафаќа со комплексниот и доста макотрпен проект: целосна реконструкција и враќање на автентичниот изглед на Долни палат – конакот кој бил уништен во пожар во 1912 година. Неговиот труд е крунисан во 2006 година, со свеченото осветување на новото прекрасно здание. Во 2009 година, поради сплет на околности, вклучително и големиот пожар на Горни палат, започнува градбата на нов конак, наречен Источен палат. Паралелно со ова се одвива и автентичната возобнова на опожарениот Горни палат. По пет години интензивно градење, резултатите се видливи во препознатливиот лик на новиот конак, кој се надгради на старите ѕидови што го преживеаја пожарот.

Останати вести