Седум години затвор за имамот Мемиши, за неговите следбеници помалку

Пресуди за дел од обвинетите во „Ќелија” кои се спогодија со Обвинителството, другите продолжуваат со судење
Имамот Реџеп Мемиши е осуден на седум години затвор откако со Јавното обвинителство се спогодил за помала казна по признанието дека е виновен оти ја организирал ќелијата што регрутирала и испраќала џихадисти во Сирија.

Основниот суд Скопје 1 ја прифати предлог-спогодбата и ја донесе пресудата за која се договориле Мемиши и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Заедно со имамот пресуди добија уште петмина од вкупно 11 обвинети во случајот „Ќелија”, кои исто така се спогодија со Обвинителството.
Другите петмина ќе ја чекаат одлуката на Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 дали ќе бидат уважени нивните приговори на обвинението, односно дали можеби предметот ќе биде вратен во истражна постапка или целосно отфрлен.
Акцијата „Ќелија” беше спроведена во почетокот на август минатата година на неколку локации на Бит-пазар и во Сарај, каде што полицијата откри дека преку џамии и приватни објекти на невладини организации се врбувале луѓе за борци во странски војски, поточно на боиштата во Сирија. Според обвинението, единаесетте лица што се осомничени за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации се делат на три категории, и тоа: лица кои од октомври 2014 година подготвувале други лица за учество во странски паравоени формации надвор од Македонија, односно на боиштата во Сирија и во други кризни подрачја, потоа лица кои обезбедувале финансиска поддршка за патување и обука на лицата пред и за време на учеството во странска војска и паравоена формација, и третата категорија се осомничени кои учествувале во борби во Сирија.
Според членот 322- а, став 1 од Kривичниот законик, кој стапи на сила во септември 2014 година, Мемиши можел да биде осуден на затворска казна од најмалку пет години. Имамот се товари дека спротивно на законот создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на Македонија.
– Спогодбата ја прифатив доброволно и се согласувам со оваа казна заради моите две малолетни ќерки на кои не сакам да им го уништам животот со мојот долгогодишен престој во затвор, рече имамот.
Тој како и на претходната седница директно не кажа дека се чувствува виновен за делата за кои се товари, но истакна дека семејството било причината за признание на вина.
И дел од другите осудени рекоа дека нивните семејства се причина да се спогодат за помали казни, а дел рекоа дека немало јасни докази против нив, но, сепак, прифатиле вина бидејќи истите не можеле да ги побијат на суд. Па така Фазли Суља, Мухамед Шеху, Сејфула Едемовски и Ресуљ Саити добија единствена казна затвор од пет години бидејќи беа обвинети за две кривични дела од членот 322-а. Ахмет Дарлишта, пак, доби пет години и шест месеци затвор, бидејќи е обвинет за три кривични дела за кои можел да добие најмалку 15 години затворска казна. Суља, Шеху и Саити, пак, меѓу другото се обвинети дека директно учествувале или се обучувале за учествување во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации во Сирија, за што можеле да добијат затвор од најмалку четири години.
– По седницата од 11 март годинава осомничените со наведениот обвинителен акт изразија подготвеност да ја признаат вината и да се спогодат со Обвинителството. Тие побараа дополнително време за да ги разгледаат доказите во предметот, што им беше овозможено од Советот за оценка на обвинителен акт. Осомничените на јавна седница на Советот се изјаснија дека доброволно, свесни за правните последици и неприсилени од никого, ги признаваат делата што им се става на товар, за што судот донесе пресуда врз основа на предлог-спогодбите – велат од Основен суд Скопје.
Според пресудата, во изречените затворски казни се пресметува и времето што обвинетите го поминаа во притвор од август лани.

(“Дневник”)

Обвинети за дејства извршени пред да почне да важи законот

Адвокатите Асмир Алиспаиќ, Ефто Спирковски и Слободан Богојевиќ го оспорија обвинението и побараа од претставникот на обвинителството самиот да се откаже од истото или Судот да не го прифати или евентуално да го врати предметот во истрага. Според нив, обвинителниот акт бил нејасен и непрецизен, бидејќи биле неодредени дејства за обвинетите Абдулахи Абдула, Ерол Рустеми, Имери Мухамед, Иса Фуга и Стефан Стефановски. Дел од нив, пак, се товарат за дејства што биле извршени пред 14 септември 2014 година, кога почнал да важи членот 322-а од KЗ.
Адвокатот Богојевиќ изрази протест бидејќи обвинителот во понеделникот му подметнал на неговиот клиент Стефановски да потпише документ дека му биле презентирани сите докази, а тоа не било точно, а ниту, пак, смеел да го направи тоа без негово присуство.
Адвокатот Спирковски, пак, тврди дека од 1.154 понудени докази во ниту еден нема конкретен доказ против неговиот клиент Фуга.
Од начинот на кој е напишано обвинението, според адвокат Алиспаиќ, и тој самиот како муслиман утре може да биде обвинет за слично дело бидејќи цеде со верски предавања и фотографии на социјалните мрежи не се доказ за делата за кои се товарат неговите клиенти, а за кои МВР не побарало потврда од „Фејсбук” дека токму обвинетите ги поставиле на мрежата или некој друг го направил тоа.

Останати вести