„Додека ние се расправаме за името, ќе не преплават бегалци!“

Во организација на универзитетот “Колумбија” група грчки новинари, заедно со солунскиот градоначалник Бутарис, имаа средби со високи македонски претставници. 

„Додека ние спориме за името, бегалците ќе не преплават”, им порача претседателот Ѓорге Иванов на групата грчки новинари, кои во организација на Универзитетот „Колумбија” од Њујорк минатиот викенд за првпат беа на средби со македонски функционери. Според него, сега, кога и едните и другите се соочуваме со безбедносни проблеми предизвикани од бегалците, никој веќе не се оптоварува со тоа прашање, иако, како што рече, тоа ги блокира другите, па се пожали на отсуство на каква било размена на информации околу состојбата со бегалците од грчка страна.
„Од Македонија во моментов има 110 борци во Сирија, 25 загинаа а 69 се вратени тука, во земјата. Терористите го користат коридорот за бегалците, за да влезат нерегистрирани во земјите, а видовте што направија само осуммина од нив во Франција”, алармираше Иванов. Според него, нелогично е во време на вакви закани да нема воопшто средби на безбедносните служби на двете земји, да нема никаква размена на информации меѓу нив, освен на полицијата на границата и да нема најави колку бегалци доаѓаат од грчка страна, иако и премиерот Алексис Ципрас му ветил лично дека нешто ќе се смени.
За да ја илустрира драматичноста на некомуникацијата, тој ги потсети новинарите дека 24 години нема средба меѓу грчки и македонски претседател и дека и со други земји имаме отворени прашања, па тоа не е пречка да се соработува за други аспекти. „Нема изговор веќе да немаме соработка за мигрантите”, нагласи Иванов, додавајќи дека ваквата состојба ќе ја злоупотреби некој. Притоа, соопшти дека еден ден сме имале дури 14.000 мигранти на границата, дека нема теорија сите да бидат регистрирани, дека за два месеца сме имале 7.500 инциденти на границата, бидејќи голем број сакаат да ја избегнат, па поминуваат илегално и дека дури 10.000 од нив во последните два месеца биле мали деца без родители – феномен чија заднина се› уште не се знае, во смисла дали се сирачиња или станува збор за трговија со луѓе.
„Како дете од југот, почесто одев во Солун отколку во Скопје. Како претседател шест години не сум бил во Грција. Ми фали мирисот на пазарот, на нес-кафето, кафеаната ‘Тотис’, грчките специјалитети… Му пратив пет официјални писма на претходниот грчки претседател за да оствариме средба, бидејќи и така прашањето за името е во надлежност на Владата и на МНР. Побарав да му се јавам на телефон на новиот претседател и да му го честитам изборот и се’ уште чекам да се оствари тоа”, изјави Иванов пред новинарите од неколку грчки редакции. Ним тој им порача дека му е мило што ги гледа, иако биле потребни 24 години да се случи тоа и средбата да ја организира професор од Универзитетот „Колумбија”.
Посетата на грчките новинари беше еден од трите паралелни настани што овие денови беа организирани од Универзитетот „Колумбија”, кој ги собра и македонските и грчките професори и бизнисмени. Бизнисмените ги придружуваше градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, кој вознемирен од можните случувања со веројатноста дека тие ќе навалат во Солун, јавно запраша дали е полесно наместо да транзитираат низ балканската рута, да бидат префрлани со чартер-авиони до таму каде што ги примаат.
Бутарис, подоцна имаше средби со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. По средбата со Трајановски, што ја оцени за многу порелаксирана од првиот пат, тој најави дека членови на ЗЕЛС по изборите ќе дојдат во Грција на средба со нивната регионална асоцијација. Неформален каков што е, тој изјави дека „мразот се скршил” кај Трајановски кога го запрашал дали може да запали цигара, по што сите на состанокот биле задоволни.
Притоа, Бутарис барал да си разменат информации за искуствата околу справувањето со ѓубре, за загадувањето од Вардар, за заштитата на византиските цркви на двете страни од границата, размена меѓу образовните институции и слично. За новинарите тој даде оценка за „Скопје 2014″, но не политичка туку градоначалничка.
Според него, статуите ја нарушуваат естетиката на градот поради прекубројноста и големината, забележувајќи дека олку големи и бројни споменици нема никад во светот. „Ова е прашање на естетика. Несоодветни се и димензиите на изградените објекти”, порача градоначалникот на Солун.
Потоа даде и политичка оценка за спорот со името и инволвираните во него, откако од средбата со Иванов заклучил дека претседателот е многу наклонет на Грција и дека е умерен политичар, при што заедно договориле да влијаат спорот да се реши. Тоа го сметаше за обврска бидејќи во Солун почнал проблемот и таму треба да се реши, според него со „напад на пријателство”, најавувајќи дека ќе го покани лично Иванов на ручек.
Откако оцени дека на ЕУ не им е гајле за проблемот, а од амбасадорот на САД во Македонија слушнал оценка дека одлагањето на решението е на штета на Грција, Бутарис констатираше дека грчкиот дипломатски сервис е многу конзервативен и не ги решава отворените прашања, туку чека некој друг да им ги реши.
Во еден момент тој се чудеше зошто се срамиме од своето словенско потекло и присвојуваме друго, а потоа тврдеше дека Македонија е географски поим, ниту грчка, ниту македонска, за да заклучи исто така дека БЈРМ е „виц” и дека, на пример, САД никогаш нема да ја убедат Грција да го смени ставот. За премиерот Никола Груевски оцени дека оди во правец да не се реши името, а за Заев дека му се видел „многу нормален човек”, па му понудил помош околу праќање набљудувачи на изборите.
Инаку, бизнисмените разговараа за соработка во неколку сектори и притоа најавија дека ќе работат на договарање авионска линија меѓу Скопје и Атина и на доизградба на патен и железнички коридор, според грчките желби од нашата територија до Игуменица. Тие, исто така, објавија дека во моментов во рамките на програмата за приватизација, покрај проектите за големи светски играчи, како пристаништето во Солун и аеродромот, има и доста помали објекти и други имоти што не добиле публицитет, а се во туристичките региони на северна Грција, како хотели, кампови, апартмани и слично. Како што беше речено, во моментов 3.000 вакви имоти се планирани за приватизација. Од изнесените податоци, покрај познатиот дека Грција е наводно најголем инвеститор и трговски партнер на РМ, произлезе дека оваа соседна земја ја зголемила трговската размена со Македонија речиси трипати од 2005 година, дека тој тренд расте, а македонската во Грција, по првиот залет, стагнира со години и речиси нема македонски инвестиции кај нив. 

(“Утрински весник”)

Останати вести