Извори од македонската полиција за „Утрински весник” информираат дека голем дел од мигрантите што транзитираат низ Македонија имаат лажни имиња и презимиња, како и адреса на раѓање.
„Нивните податоци е невозможно да се проверат, бидејќи тие тврдат дека со себе не носат никакви лични документи, поради што и евиденцијата се врши и е можна единствено врз основа на тоа што ќе го кажат”, објаснуваат истите соговорници.
Како датум на раѓање најчесто се кажува 1 јануари, а годината се менува во зависност од возраста. Слично е и кога станува збор за имињата и презимињата, па се случува неколку пати во текот на денот за регистрација да се пријават луѓе со идентични имиња и презимиња – родени на ист ден.
Како главна причина за „лажирањето” лични документи, велат познавачите, се наведува тоа што мигрантите не сакаат да бидат евидентирани, стравувајќи дека „утре” ако се затворат границите на запад, тие ќе бидат вратени во земјата каде што е извршена регистрацијата.
„Постои идеја ‘чекирањето’ на мигрантите да се врши на многу повнимателен начин штом стапнат на грчките острови, кои важат за влезна порта. Притоа, ќе се прават поопсежни интервјуа, а не како досега име, презиме, датум на раѓање, образование и земја на потекло… На тој начин ќе се раздвојат бегалците што доаѓаат од воените подрачја – од оние економски мигранти, кои патуваат во Европа од материјални причини. Првите би се пропуштале напред, а вторите би се враќале дома. Но, уште поважно, ќе се засили контролата врз лицата што патуваат, иако во ситуација кога се соочувате со толпа од илјадници луѓе – невозможно е да се открие кој е терорист, а кој навистина си има мака”, посочуваат истите извори.
Идентичен проблем имаат и другите земји од регионот.
„Најголем дел од бегалците, и тоа 80 отсто, како свој датум на раѓање го наведуваат 1 јануари 1995 или 1 јануари 1996 година, а во различните држави низ кои минуваат се претставуваат со различни имиња. Токму поради тоа, постапката на регистрација се чини залудна и нема никаков ефект”, пишуваат словенечките медиуми.
Иванов: “Тоа што одбиваат да се регистрираат зборува дека немаат добри намери”
Претседателот Ѓорге Иванов, кој е и врховен командант, при саботната обиколка на јужната гранична линија, беше информиран од Армијата дека „има се повеќе лица, кои излегуваат од ‘Котата 59’ и илегално преминуваат на премини кои не се обележани”.
„Тоа ќе подразбира преземање посебни мерки од страна на АРМ со цел да се насочуваат тие лица кои избегнуваат да бидат регистрирани. Штом избегнуваат да бидат регистрирани – тоа дава основано сомневање дека станува збор за лица кои секако, немаат добри намери”, изјави претседателот Иванов.
Според него станува збор за повеќе од 8,500 лица.
Само во последните пет месеци од годинава македонските служби регистрираа околу 250,000 лица од Блискиот Исток кои преку нашата земја го продолжија патот кон богатите земји на Европската унија. Се проценува дека во последните две години, низ „балканската рута” поминале околу 800,000 мигранти.
ФАЛИЧНО РЕГИСТРИРАЊЕ, КОЈ Е ВИНОВЕН?
Регистрирање на имигрантите се врши во Грција, Македонија, Србија, Хрватска (порано Унгарија) и во Словенија. Меѓутоа останува фактот дека голем број имигранти воопшто не се регистрираат. Оттаму се и различните цифри за нивниот број (на пример од јуни до ноември низ Македонија се вели дека минале 250,000 бегалци, додека Хрватска само за периодот септември-ноември пријави 370,000!?). Познато е дека Грција и Македонија не успеваат да регистрираат барем една третина од мигрантите, додека во Србија се “рециклираат” потврдите за транзит – возачите на автобуси ги собираат потврдите од бегалците што ги превезле до границата со Хрватска за да им ги продадат на новите во Прешево (под изговор да не чекаат во прифатниот камп и што побрзо да заминат кон север).