ММД “Никола Карев” уште еднаш покажа дека со голема љубов работи на негувањето на фолклорот. Во тој дух во просториите на Preston Мacedonia Social Club организираше игранка заедно со гостите од Волонгонг, МКУД Македонија и КУД Гоце Делчев.
Претседателот на ММД “Никола Карев”, Аце Петровски, ја отвори вечерта и ги поздрави сите присутни посакувајќи натамошна соработка и дружење на играорците од сите групи. Претседателката на МКУД Македонија, Диана Кузмановска исто се обрати до присутните со порака и понатаму да се продолжи да се негува македонското оро и заеднички сите да соработуваат како едно македонско семејство. Се доделија и подароци и благодарници меѓу културно-уметничките друштва, по што следеа настапите на играорните групи кои со своите кореографии ги импресионираа присутните.
Фолклорот е одраз на душата на македонскиот човек. Таа музичка традиција е пренесена токму преку ората и песните кои културно-уметничките друштва ги негуваат и на овој континент. Нивните успешни настапи се резултат на големиот труд што го вложуваат кореографите, како и на мотивацијата од страна на родителите кои ги упатуваат своите деца да ги изучуваат македонските ора и песни.
Гордана Димовска






