За пет години пцовисале 150.000 пингвини

Околу 150.000 пингвини од видот Адели кои живеат на Антарктик пцовисале во изминативе пет години откако санта мраз удри во близина на нивната колонија и тие беа принудени да патуваат 65 километри до морето во потрага по храна. 

Во 2011 година сантата Б09Б со големина од 2.900 километри квадратни што 20 години пловеше блиску до брегот удри во глечерот и се заглави во заливот Кејп Денисон со што колонијата пингвини се најде опколена само со копно.
Потоа пингвините се соочија со огромна криза за храна бидејќи мораа да пешачат вкупно 130 километри за да најдат храна во вода и да се вратат назад, рече Крис Тарни, еден од авторите на извештајот од истражувањето.
Претходно требаше да изодат само неколку стотици метри за да стигнат до морето.
Тој рече дека групата истражувала колку промените се одразиле на животната средина, особено во екстремно зафрлените области.
Пингвините Адели ги има в долж целиот брег на Антарктикот.
Прв пат припадници на овој вид биле забележани во заливот пред повеќе од 100 години.
Огромен број пингвини не успеале да го преживеат тешкото патување во потрага по храна што резултираше со драстично намалување на популацијата.
Младенчињата мрзнеле до смрт.
Родителите ги напуштале јајцата.
Популацијата на колонијата што во 2010 се смета дека броела 160.000 се намали на 10.000.
Колонијата ќе биде истребена за 20 години ако не пукне мразот, рече Тарни за „Дојче прес агентур”.
„Во колонијата е морничаво тивко и може да се видат пцовисани младенчиња и скршени лушпи од јајца”, рече тој.
Извештајот од истражувањето на научниците од Универзитетот на Нов Јужен Велс од Австралија и Фондот за пингвини на Нов Зеланд прво беше објавен во журналот „Антартик саенс” во почетокот на февруари.

Останати вести