Инспектори од Државниот пазарен инспекторат во неделата биле во контрола на седум објекти каде се одржувале свадбени веселби и покрај забраната поради коронавирусот.
Една од свадбите се случувала во Струга, две во Тетово и четири во Скопје.
За газдите на објектите каде се организирале свадбите ќе бидат поднесени кривични пријави до Јавното обвинителство, а тие според праксата завршуваат со судски глоби од илјада евра па нагоре.
Државниот пазарен инспекторат во текот на викендот спровел над 100 контроли низ целата држава. Вкупно за 19 субјекти се изречени казни за непочитување на здравствените протоколи, меѓу кои спаѓаат и организаторите на свадбените веселби.
Дополнително, за непочитување на протоколите казнети се уште 2 субјекти во Струмица, 5 во Скопје и 1 во Битола.
Директорот на Инспекторатот, Стојко Пауновски, вели:
– Во Скопје влеговме во ресторанот “Мирко 919” каде се правеше свадба, потоа во ресторанот “Буши”, а имаше свадба и во Чаир. Преполни беа сите со гости. Во Тетово, на пример, ги прават свадбите во ресторани кои се малку затскриени, но ете одиме и поднесуваме и кривични пријави и прекршочни, но очигледно тие гајле немаат. Во Струга, пак, ресторанот „Престиж” е на два ката. И горе и долу имаше свадби со над 150 луѓе, кои секако, бидејќи си дошле на свадба не ги почитуваат протоколите. Како да се носи маска на свадба? – иронично вели Пауновски.
Потенцира дека граѓаните се премногу опуштени и дека мора да се направи поинаков пристап за да се спречи ширењето на коронавирусот во Македонија, зошто ситуацијта во текот на периодов што следи лесно може да излезе од контрола и вака ќе биде во недоглед.
ДПИ може да затвори објект само за прекардашено работно време!?
За четири угостителски објекти, кои не го почитувале работното време, ќе бидат изречени прекршочни пријави, ќе бидат издадени платни налози за парична казна и решение за затворање на објектите од 10 до 30 дена во зависност од пречекорувањето на работното време.
Пречекорувањето на работното време е единствена законска можност државен пазарен инспектор да пломбира дискотека, ресторан или сличен објект каде упорно и повторно не се почитуваат здравствените протоколи.
Интересен случај имаше во Скопје. Имено, во ноќниот клуб “Мош” две вечери по ред настапуваше српскиот пејач Владо Георгиев, и во двете вечери инспекторите беа сведоци дека не се почитуваат протоколите, дека се танцува и се пее. Иако втората вечер беше присутна и полиција, инспекторите издејствуваа полицијата да го приведе сопственикот само поради пречекорено работно време.
По кусо задржување во полициска станица тој бил пуштен и истиот ден си ја прославил својата свршувачка со млада докторка од Штип!?