МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО АЛБАНИЈА – ИНТЕРВЈУ СО ФОТО НИКОЛА:
6 октомври 2017 година, Тирана, Албанија (Интервју за весникот ИЛИНДЕН на Македонското друштво “Илинден” во Тирана, интервјуто го водел Никола Ѓурѓај)
– Фото Никола е Македонец, роден во село Шулин, Мала Преспа. Основно образование завршил во Пустец, средно педагошко образование во Елбасан, а Филолошки факултет во Тирана. Две години бил наставник во седмолетката во Пустец. Во 1971 година бил назначен за професор во гимназијата во северното албанско градче Пука. Таму работел и како инспектор во Дирекцијата за образование во тамошниот округ. После тоа е назначен за директор во средното училиште во Моглица, Корча, по истекот на мандатот продолжил како професор во истото средно училиште.
Во 1991 година Фото Никола е назначен од Министерството за образование за редактор на учебниците на малцинските македонски училишта.
– До 1991 година година учебниците се изготвуваа од познатиот учебникар Никола Беровски до 4 одделение и тоа не сите предмети, главно превод од албанските учебници. Во Албанија, учебниците за петто одделение, и натаму за шесто, седмо и осмо одделение на македонски јазик се печатат од 1994 година. Секоја година се печатат се’ поквалитетни учебници, како што се учебниците по македонски јазик за 1-8 одделение, исто и читанки, запознавање на природата за 3-4 одделение, математика и работни листови 1-4 одделение, граѓанско воспитание за 1-8 одделение и други. Од 1991 до 2004 година, имавме по две емисии на македонски јазик во Радио Корча, првите години 3 пати неделно, а потоа секој ден со исклучок на викендот. Од 2004 до 2014 година работев во Државниот комитет за малцинствата во Тирана, како претставник на македонското малцинство. Сега сум пензионер, секогаш активен, колку што можам за македонските права во Албанија, – вели Фото Никола.
Во градот Корча во 1991 година, Фото Никола е избран во претседателството на Друштвото Преспа, органокот за Корча. А, бил и прв вработен Македонец во Државниот комитет за националните малцинства во Тирана.
ИЛИНДЕН: Господине Никола, со децении сте борец за зачувување на правата на Македонците во Албанија. Кои се главните проблеми на македонското малцинство во Република Албанија?
Фото НИКОЛА: Многупати сум го слушнал ова прашање. Секогаш постоеле, постојат и сега проблеми, почнуваќи од економски и многу други. Ние, Македонците во Албанија имаме своја Македонска партија, со нејзини раководни органи. Со оглед на фактот што јас не сум бил во нејзините раководни органи, не можам конкретно да критикувам за нивната слаба работа. Но, ова не е мал проблем. Во Тирана, главниот град на Република Албанија каде живат поголем број Македонци, не постои никаква партиска работа. Македонците не се организирани. Во далечните деведесетти години постоеше огранок на ДРУШТВО ПРЕСПА, како и на друштвото МИР. Овие друштва денес не се активни. Би сакал постојано да слушам реакции од избраните претставници на Македонската партија за проблемите со коишто живееме и се соочуваме. Деновиве Албанската национална телевизија почна куса програма и на Македонски јазик, како и за другите малцинства. Тоа е можност за да се бара повеќечасовна програма и да се даде можност за поголема застапеност на националните малцинства. Проблеми постојат секаде каде што живеат Македонците, а одамна е познато, дека младите луѓе заминуваат за работа во странство. Сепак, ваквата појава не се однесува само на Македонците. Евидентно е дека малку е постигнато на полето на инвестциите во Општината Пустец и другите населени места каде живеат Македонци. Исто така, мислам дека многу повеќе треба да се работи на зачувањето на македонските традиции, како и на зачувувањето на културата и историјата на Македонците во Албанија.
ИЛИНДЕН: Како човек од образованието, кои се проблемите во образованието на Македонците во Република Албанија?
Фото НИКОЛА: Кога зборуваме за образованието на Македонците го имаме предвид само функционирањето на училиштата во селата на Општината Пустец, како и во село Врбник. Преку краткотрајни проекти се има изучувано македонскиот јазик за малубројни деца во градот Корча, како и во Билишта, Поградец, Тирана и други. Образованието е далеку од тоа што се одлучи од Министерството за образование во 1994 година: 60 % од предметите да се изучуваат на Македонски мајчин јазик, исто како и во училштата на Грците во Албанија. И покрај настојувањата и постојаните барања да се оствари таа одлука, ниту една Влада, ниту онаа на демократите, ниту онаа на социјалистите, не додели фондови за изработка и печатење на учебниците Запознавње на природата, Граѓанско воспитание, Биологија, Математика и учебници по други предмети на Македонски јазик. Не постои ниту литература, ниту помагала за децата од предучилишното и натамошно образование. Кај нас треба да се покренат иницијативи и за приватни училишта, за поголеми можности децата да го учат мајчиниот Македонски јазик и онаму каде што тие се малубројни. Нека се состанат интелектуалци, претставници на Македонската пратија и од властите, нека се истакнат недостатоците во образованието на Македонците, нека се извести за сите проблеми Владата и Министерството за образование. За жал, не постои координација меѓу наставниците Македонци во Република Албанија.
ИЛИНДЕН: Како поранешен претставник на Македонците во Државниот комитет за малцинствата, каква е застапеноста на Македонците на раководни позиции на централно и локално ниво на власта?
Фото НИКОЛА: За застапеноста на Македонци на раководни позиции на централно и локално ниво на власта нема точни и службени податоци. Познато е дека многу мал е бројот на Македонците на централно ниво, во централната администрација на државата, иако подобра е на локално ниво. Токму поради ова, Македонската партија треба да бара решенија за проблемите. И Државниот комитет за малцинствата нема точни и службени податоци за застапеноста на Македонците на раководни позиции во централната администрација. За жал, се’ уште немаме пратеник во Парламентот. Но, припадници на Македонската заедница во Албанија има во сите области на животот, голем број професори, лекари, агрономи и други експерти во сите области.
ИЛИНДЕН: Кои се вашите идни планови во однос на заштитата на интересите на Македонците во Албанија?
Фото НИКОЛА: Планови за заштита на интересите на Македонската заедница во Република Албанија сиурно има Македонската партија. Лично би сакал многу поголема ангажирност на млади луѓе во раководството на Партијата, поактивна работа преку проекти на македонските друштва во Тирана, Корча, да се работи што повеќе за јакнење на општествениот и културниот живот на Македонците, а таму каде има потреба да се бара помош од татковината Македонија.
ИЛИНДЕН: Има ли нешто посебно што би сакале да го испратите како ваша порака до Македонците во Република Албанија?
Фото НИКОЛА: Би сакал да го слушам почесто гласот на Македонската партија, да реагира за сите настани кога е потребно. Се’ ќе се реализира полесно, ако партијата е подобро организирана, ако се бара отчет од секого како ги брка работите. Посакувам се’ поголеми успеси на нашата Македонска партија и на сите македонски друштва кои функционираат на територијата на Република Албанија.