Македонија е полна со музички таленти, ќе ја унапредам нашата естрада

Ексклузивно интервју со Jордан Mитев: 

Господине Јордан, сакате ли да им се претставите на читателите на Австралиско Македонскиот Весник Денес.

– Досега, во мојата професионална кариера поминаа десет години како секоја година доаѓам овде во Австралија. Направени се доста песни, доста фестивали и концерти, и јас би сакал да ги оставам самите тие материјали да зборуваат за мене. Публиката ме има видено ширум цела Австралија, мислам дека се доволно запознаени со мојата работа и со сето тоа што јас го правам во македонската музика.

За мене се пишуваше доста, особено за моите почетоци. Оставен бев само на талентот кој што го имав. Останатото е макотрпна работа, нормално потковано со образование. Јас завршив факултет за музичка уметност, после тоа и магистрирав. И после толку работа и тие успеси кои ги постигнав, сепак во мене постои некое незадоволство бидејќи се родив и функционирам во едно место каде што постои ограничен музички пазар, ограничени можности и тоа во секој поглед. Дојдов до степен каде што буквално и самиот не знам што да правам понатаму со кариерата бидејќи две години наназад како да се вртам во круг, во едно исто место. Доколку вака продолжи, а јас не гледам дека тоа би се сменило, тогаш сакам да направам чекор назад воопшто од музиката и да оставам малку време да помине, да се фокусирам на некои други работи во животот…

Почетоците се најтешки, но и највозбудливи. Сакате ли да се потсетите на тоа време, кога ги совладувавте првите искушенија во својата музичка кариера.

– Во 2007 година, кога првпат настапив на Фолк Фест Валандово. Самиот момент кога ќе влезете во салата каде што се пејачите, кога немате никој близок таму, не познавате никој. Особено кај мене околностите беа отежнати затоа што јас сум автор на моите песни. Значи секаде каде што јас се појавував, околу мене немаше тим кој сакал, нејќел ќе ме бодри и ќе ми дава психолошка инфузија. Сето тоа беше сведено на јас и песната. На самиот почеток јас се осочив со осаменоста и ми беше јасно дека ќе треба сам да се борам во кариерата.

Подоцна стекнав темелен круг на пријатели и соработници, во целиот тој непрофесионализам, сепак тие што знаат да го препознаат квалитетот ќе се најдат на иста фреквенција и ќе соработуваат. Такви луѓе имам неколку во Македонија и добро комуницираме и добро разменуваме мислења, кадешто можеме во работата се наоѓаме.

Од 2010 година, кога почнав да доаѓам во Австралија, кога ги покажував првите резултати, нормално со резултатите доаѓа и финансискиот дел. Е кога ќе видат дека малку финансиски се поткрепувате тогаш доаѓаат големите удари. Имав удари од естрадата, и од самите организации коишто се на тие концерти. На пример, во Канада имаше еден момент што нема да го заборавам. За да не се појавам во Канада, бев пријавен од контраорганизацијата што беше во тој момент дека јас сум криминалец и бегалец од Македонија со намера да останам во Канада. Па бев повикан од полицијата на сослушување, иако подоцна беше утврдено дека тоа нема апсолутно никаква врска.  Имав многу искушенија, многу предизвици и препреки што мораше апсолутно сам да ги поминам. Фала му на Бога, сум таму каде што сум.  Во моите очи тоа не е многу високо бидејќи  моите рамки за успех беа многу повисоко поставени.

Колку успеа да ја запознаеш Австралија досега?

Австралија е многу убава земја. Австралија нуди многу можности и мислам дека луѓето кои живеат овде, особено тие што се фамилијарно овде, кои што немаат одредени емоционални проблеми со тоа братот ми е таму, мајка ми, итн. Значи тие што се фамилијарно тука и имаат влезено во австралискиот систем, во австралиското живеење, можам да кажам дека се многу среќни луѓе бидејќи едноставно ова е земја на многу можности. Земјата е прекрасна, тука човек може да направи се што ќе замисли, само треба да знае како. Австралија е една од најдобрите земји за живеење. Тоа го покажува и самиот начин на кој што живеат луѓето. И Македонците што живеат тука, можам да кажам дека во поголем дел дијаспората во Австралија е многу поуспешна за разлика од останата дијаспора. Самата земја има потреба од паметни луѓе, луѓе кои имаат визии, а кога имате визии, оваа земја ви пружа се што можете да замислите, само треба да знаете како.

Дали сакаш да ни откриеш дел од твоите идни планови?

– Во овој период ми е најтешко да кажам кои се моите идни планови. На сите мои интервјуа кажував ова ќе направам, тоа следува… Ги заокружив моите десет години и среќен сум што постигнав досега. Сакам секогаш да бидам чекор напред, чекор во видеото, чекор во музиката, да направам подобар концерт, подобра сцена, на подобро место. Меѓутоа, доколку останам во Македонија, мојата цел за понатаму е да ја земам македонската естрада во мои раце, да ги барам талентите што немаа можност како мене да направат нешто од себе, и да пробам да направам една професионална музичка естрада, така како што јас мислам дека треба да биде, а ќе ја направам како што ја направив својата музичка кариера. Мислам дека Македонија има капацитет, Македонија има многу таленти што навистина вредат да бидат земени во свои раце. Мислам дека македонската естрада треба да се фати потемелно, да се најдат квалитетни таленти каде навистина има материјал во нив за работа и тоа да се работи далеку попрофесионално од тоа што е сега. Сега ситуацијата е разочарувачка, дури мислам и жална во споредба со останатите музички индустрии какви што се во Србија, Бугарија. Ние имаме потенцијал, имаме добра дијаспора, имаме потенцијал тоа да се развие во нешто посериозно, меѓутоа уште се нема родено вистинскиот човек кој што тоа навистина ќе го постави со сите стандарди. Се надевам еден ден во тоа ќе успеам, ако даде Господ.

Сакам да ги поздравам сите ваши читатели, да ги поздравам сите Македонци кои го читаат вашиот весник, да ви се заблагодарам и на вас за отстапениот простор и време. Добро здравје на сите па да се надеваме дека заедно во иднината ќе бидеме подобри во секој смисол, како во музиката така и во сите гранки кои се дел од македонското општество.

Ти доставив текст од 2010 година, во кој што предвидов уште тогаш дека си феномен. По Тоше Про­е­ски не сме имале друг како тебе.

– За да се успее не е доволен само талентот. Има многу талентирани луѓе, меѓутоа покрај талентот морате да исполните уште многу услови. Најважно од се е да се гледа долгорочно, тоа важи за секоја работа, за секој бизнис. Ако вие гледате од денес за утре, нормално нема да имате успех. Затоа треба да се биде човек кој ќе ги предвидува работите, што ќе гледа напред во иднината, а не само за денес. Ако гледам само на денес, јас сум најскреќен. Меѓутоа, мене ме мачи секогаш иднината, што ќе биде со иднината. Мислам дека тоа важи за секој човек кој е свесен, кој е разумен, на секој успешен човек тоа му е најголем проблем, како ќе биде во иднина а не како ќе биде денес. Со текот на времето, луѓето на некој начин ги претопувате во тоа што ви е целта. Целта на Балканот е јасна. Мислам дека за тоа треба да се запознат големите и умни луѓе, дека освен останатите работи сепак е важно и тој шоу бизнис кој што од една страна е бизнис, и од друга и зацврстување на својот идентитети на тоа кои сме ние денес, а не што сме биле.

Традицијата е нешто што константно еволуира. Ако на времето биле кавалите и гајдите нешто со што луѓето се веселеле и правеле веселби, денес во модерниот свет младите живеат поинаку и затоа самата музика мора да се менува.

Освен за финансискиот дел мора да се размислува и за тоа што вие правите со тоа. Дали вие правите добро дело, а финансиите се нешто кое што вие кога ќе направите нешто добро, по автоматизам сами си доаѓаат.  Не мора тоа да ви биде главната цел за да успеете.

Се надевам облаците ќе се расчистат и повторно ќе те исполни оптимизам…

Да се надеваме. Музиката е многу важен елемент но и севкупното живеење. Треба да се работи на зајакнување на симболите што му даваат печат на идентитетот. Пример, скорешниот фестивал на храна што се одржа во Мелбурн. Им советувам на организаторите да го надоградат со автентични вредности. Ако не можете да се пофалите со сопствена храна тоа е исто како да сте останале без лична карта…

Останати вести