Интервју со Вера Трајкоска

Македонската песна е моја љубов

 Кога почна да се занимаваш со музика и која е твојата прва песна?

Почнав да се занимавам со музика, поточно со македонската песна, преку фестивалите во Австралија од 1998 година наваму. Пеев во македонската музичка група “Милениум” од 1999та година. Мојата прва песна беше “Љубовта била лага”

Како се роди љубовта кон песната?

Од кога паметам песната ми беше поврзана со мојот карактер.Нашата куќа дури растев беше полна со македонска песна. Јас слушав песни со саати на радио, ленти, плочи или видео. Песната беше мојата љубов и хоби. Мајка ми има прекрасен глас и постојано беше распеана кога работеше низ кујната или на домашни слави. Исто така таа е позната во нејзиното родно село Бучин и уште од млади години била поканета на аудиција за пеење во Скопје. За жал, татко ми не и дозволил да оди на таа аудиција, инаку верувам дека ќе беше многу популарна. Затоа ете во мене се роди таа љубов кон македонската песна и го правам тоа што не можеше мајка ми.

Кога беше твоето прво појавуање пред публиката?

Моето прво појавување пред публика беше во 1998 година на настапот на КУД Јане Сандански на Фолк Фест Мелбурн. Настапив со песната “Љубовта била лага”.

Дали гледаш иднина како пејач на македонски народни песни овде во дијаспората?

Македонската песна пред се е моја љубов и хоби. Си ја пеам повеќе за себе и ми е мило и кога други сакаат да ме слушаат како пеам или кога сум поканета да пеам на разни прослави овде во дијаспората.

Какво е искуството од настапувањето на фестивали овде во Австралија?

Имам настапено на повеќе од 10 фестивали низ Австралија, почнувајќи од 1998-ма година во Мелбурн, Сиднеј, Волонгонг, Перт. Можам да кажам дека искуството беше прекрасно, посебно тоа што имав можнности да се запознаам со многу Македонци низ Австралија кои се вмешани во музиката, во македонската песна и тоа ми помогна да се стекнам со искуство и да настапувам на повеќе фестивали.

За првпат настапи и на Фолк Фест Валандово во Македонија, какви се твоите впечатоци и дали можеш да го споредиш со овдешните фестивали?

Настапот на Фолк Фест Валандово 2013 беше исполнување на мојот сон.

Која ти е досега најдрага песна и зошто?

Можам да кажам дека сум среќна што имам многу убави песни од првиот, вториот и третиот албум и тешко е да се одлучам за една, ама ако морам да изберам тоа е песната “Птица без крила” затоа што е убава женска балада а ми лежи на срце и песната “Еј туѓино не си веќе моја судбина” преку која ја пренесувам љубовта кон Македонија.

Имаш нов албум, како го нарече и кога планираш промоција овде во Мелбурн?

Среќна сум да кажам дека мојот нов албум е сниман во Македонија и е наречен “Само ти душо ти”, песна со која настапив на Валандово 2013 година. Промоција за овај албум беше планирана оваа година во Македонија ама за жал поради некои работи што испаднаа тука во Австралија мораше да се вратиме порано. Промоција во Мелбурн уште немам во план и немам точни датуми засега но би сакала да одржам промоција и во другите градови на Австралија.

Кои се твои соработници во Македонија?

Се одлучив да имам соработка со Оливер Глигоров на мојот трет албум сниман во Македонија, поради убавата соработка со него и сум многу задоволна со песните што ми ги направи.

Твои планови и желби за во иднина?

План и желба имам во иднина на музички план да можам да го донесам мојот автор Оливер Глигоров во Австралија и заедно да можиме да ги промовираме песните.Тој исто така е прекрасен пејач и има прекрасни песни.

Каква порака би сакала да пренесеш на македонската публика?

Пораката што би сакала да ја пренесам до македонската публика е да се сакаме и да си помагаме тука и таму и да бидеме колку што можиме активни во Македонската заедница во Австралија, да можиме да оставиме нешто за идните генерации. Мислам дека е многу важно за децата да знаат за своето потекло, а тоа им дава основа и силно чувство на припадност.

Разговорот со Вера Трајкоска го водеше Гордана Димовска за Macedonian timeline.

Останати вести