Ексклузивно интервју со Владиката Тимотеј

„Се трудиме и придонесуваме да завладее мир и љубов меѓу Македонците”

Ваше високопреосвештенство, оваа календарска година ја започнувате со посета на новоформираната Австралиско-сиднејска епархија. Какви се Вашите планови за време на речиси едномесечниот престој тука?
Според нормите на нашата света црква и каноните на светата православна Црква, секој архиереј во својата епархија, дали е надлежен или администратор, има потреба и должност одвреме навреме да прави канонска визитација во црквите во епархијата. Во тој дух, и ние, овој месец, ќе го исползуваме да ја извршиме оваа канонска визитација за посета и служби во црквите кои се во надлежност на Австралиско-сиднејската епархија, на која според одлука на САС на МПЦ-ОА сме назначени за администратор од минатата година. Па, во тој дух, веќе четири македонски православни цркви ги посетивме и отслуживме свети архиерејски Литургии. Во двете, „Св. Наум Охридски” во Аделаид и „Св. Ѓорѓи и Прес. Богородица” во Епинг, Мелбурн, пред да отслужиме Литургии, го извршивме и т.н. чин на очистување на храмот, што е во духот на учењето на нашата света вера. Планирано е во останатиот период од нашата визитација да ги посетиме и останатите цркви.
Се чини дека полека се средува состојбата со кавгите. Што е сторено досега за смирување на поделбите и што треба да се направи понатаму?
Според својата архиерејска должност и учењето на нашата православна вера, а во границите на нашите можности, се трудиме и придонесуваме да завладее мир и љубов меѓу Македонците, независно на нивните определби и делби, во секој контекст. Зашто и самиот свети апостол Павле нè советува: Што се однесува до вас, имајте мир со сите. Црквата отсекогаш играла улога на обединителна алка, каде што луѓето се сретнуваат, си подаваат рака за помирување и ги забораваат сите оние причини за разни делби и несогласувања. Тоа било задача на Црквата во минатото, тоа е и сегашна обврска, а, се надевам, дека и во иднина МПЦ-ОА оваа основна цел нема да ја заборави. Во контекст на Вашето прашање, Црквата и нема потреба од некои специјални програми, туку, како што кажавме, треба само да ја извршува својата мисија.
Во црквите: Св. Богородица – Њукастел, Св. Наум Охридски – Аделаид, Св. Ѓорги и Пресвета Богородица – Мелбурн се најавува дека ќе има нови свештеници со кои се решава последната пречка за нивно влегување во Епархијата. Што се случува во Сиднеј?
Засега веќе имаме поставено свештеник во „Св. Ѓорѓи и Прес.Богородица” во Епинг, Мелбурн, во лицето на свештеникот Климент Станковски, кој веќе ги отслужи и првите служби на Божик. Во план е отпочнување на процес за назначување на свештеник и во „Св. Наум Охридски” во Аделаид. За Сиднеј има поднесено барање од црквата „Св. Кирил и Методиј” и процесот е во некое мирување, поради измена на процедурите за добивање визи за свештеници, кои во овој момент се доста неповолни и не предизвикуваат интерес кај сериозните кандидати за свештеници. Што се однесува, пак, до Њукасл и Бризбан, за жал, овие две цркви не покажуваат некои сериозни показатели за надминување на овој проблем, и од тие причини, истите не беа и присутни на епархиското собрание, што се одржна на 11 јануари во Мелбурн.
До каде е процедурата за регистрирање на Епархијата како правно лице во Австралија, во согласност со Уставот на МПЦ-ОА и австралиските закони за регистрирање на непрофитни, вклучувајќи и верски организации?
Статутот на ново формираната Австралиско-сиднејска епархија беше одобрен минатата година од страна на САС на МПЦ-ОА, а со тоа се даде можност да се започне процедурата според позитивните законски правила за регистрација. На 11 јануари 2017 година, делегатите на Епархиското собрание едногласно го усвоија и името на епархијата, така што се исполнети сите правни услови за да се започне процедура за да се регистрира епархијата пред австралиските власти како правно лице, или, како што велите, непрофитабилна организација, со религиозна содржина. Но, тоа е должност и обврска на членовите на управите во Австралија, а не на архиерејот.
Како гледате Вие на состојбите во иднина, во однос на македонските верници во Австралија?
Со создавање на двете епархии очекуваме затегнувањата меѓу одделни цркви, а и меѓу одделни луѓе, дека ќе бидат сè помалку присутни, и ќе нема причина за кавги и расправии. Постапно, сметаме дека и тие недоразбирања потполно ќе исчезнат, бидејќи секој еден од нив ќе работи во својот делокруг. Во однос на главната причина, за која и се расправаат и има недоразбирања, САС на МПЦ-ОА јасно и гласно укажува дека нема никакви претензии врз нивните имоти, и не инсистира да бидат регистрирани на МПЦ-ОА, а уште помалку, пак, на одделен архиереј. Ставот е истите да си останат како и досега, на генералното членско собрание на одделна црква или општина. Нам, како на црква, не ни се потребни црквите и објектите, кои ги изградија нашите Македонци во Австралија, туку имаме обврска и грижа да ги имаме и луѓето со нас. А кога ги имаме луѓето, неформално, ги имаме и објектите и црквите, без да навлегуваме во имотно-правни лавиринти, кои го создаваат недоразбирањето и кавгите и расправиите.
Се чини дека со регулирање на односите во овдешните црковни општини полесно дише и Синодот на МПЦ, исчезна нервозата кај некои митрополити. Го делите ли тоа јавно мислење?
САС на МПЦ-ОА отсекогаш се застапувал за мирно решавање на сите проблеми, кои што животот неминовно ги носи. Но, од нејасни причини, некои работи се искомплицираа во голема мера, па се отворија и судски процеси, кои внесоа немир, расправии, кавги, поделби, а преку тоа, се разбира, и нервози кај одделни луѓе, кај одделен број на свештеници, па и кај некој Митрополит. Се надеваме дека со ова делување нема да има причина за нови кавги и делби, а и нервозата, како што велите, нема да исчезне одеднаш, но во секој случај ќе биде помала.
Колку успевате да ја запознаете оваа земја континент при вашите посети?
Како што констатиравте дека оваа земја не е мала, туку е еден цел континент. И покрај тоа што и порано сме биле надлежен архиереј на цела Австралија, без денешниве поделби, и имајќи предвид дека тоа е огромна земја, тешко може да се каже дека се познава во сите сегменти и целокупна Австралија. Но, во границите на можното и дозволеното, во голема мера ни е позната, а веруваме дека и со ова ново присуство, уште повеќе се учи и запознава. Ако, пак, човек сака да учи, секогаш има да научи нешто ново, зашто оној што учи, учи додека е жив. На крај, Ви благодариме на можноста и преку Вашиот весник да се обратиме на македонската читателска публика.

Игор Павловски

Останати вести