Од Москва бараат воена, финансиска и логистичка помош
После 14 години континуирана американска воена интервенција во оваа земја, Ирак сака Русија да ја превземе водечката улога во развојот, изградбата и одбраната на оваа земја која што е разрушена од децениски војни.
Потпретседателот на Ирак, Нури Ал Малики беше во официјална посета на Москва, при што на средбата со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, му порачал дека во Багдад постои тенденција кон „развој на нови политички околности во светло на регионалните мешања”, како и дека „Ирак сака да избегне странски политички ентитет” кој што ја наметнува својата агенда.
Од симнувањето од власт на поранешниот претседател на Ирак, Садам Хусеин и поставувањето на новата влада во 2003-та година, Американците ја играа главната улога во внатрешните прашања на оваа земја, што е нешто против што Малики се бори веќе подолго време.
Сепак, откако Русија го зајакна своето влијание во Сирија и генерално во регионот на Блискиот исток, Малики се обидува да ја искористи економската, воената и политичката моќ на Кремљ за да ги истисне Американците од неговата земја.
„Историски, Русија има блиски врски со Ирак. Поради тоа, би сакале да има видливо присуство на Русија во нашата земја, како и во смисол на политиката, така и во одбраната. Тоа би направило еден баланс во регионот, на народите и земјите”, изјави Малики после средбата во Москва.
„Ирак сака да ја зајакне стратешката соработка во областите како што се енергетиката и нафтениот сектор, истражувачкиот сектор универзитетското образование, економијата и трговијата, како и во политичките и воените сфери”, истакна Малики.
После состанокот со Сергеј Лавров, Малики замина за Санкт Петербург каде што се сретна со рускиот претседател Владимир Путин за да разговара за купувањето на руски Т-90 тенкови – зделка вредна околу една милијарда долари.
Малики со години беше критичар на американското присуство во Ирак, посебно откако американската воена интервенција во 2003-та година на некој начин го внесе Ирак во децениска борба со разни бунтовнички фракции и терористички групи како што се Ал Каида и Исламската држава чие што зголемено влијание резултираше со нова интервенција на Американците во 2014-та година.
„Русија има дадено неверојатен придонес, посебно во Сирија и Ирак, односно во спречувањето на дезинтеграцијата на регионот. Искрено ви се заблагодаруваме. Да не бевте вие, мапата на регионот ќе се променеше и тоа ќе беше негативно по нас”, му порача Малики на Путин.