Ирена Србиновска го плени Локи во австралиското шоу „The Bachelor“

На годинешното телевизиско шоу “The Bachelor Australia, македонска убавица го освои срцето на ергенот Локи Гилберт. Тој ја бараше љубовта на неговиот живот помеѓу 22 девојки, а на крај ја избра нашата Ирена Србиновска.

Ова е втор пат на вакво шоу да победи Македонка. Се сеќаваме дека пред неколку години Снежана Маркоски од Перт, која сега се презива Вуд, успеа да го освои срцето на ергенот Сем, со кого сега имаат три деца. Популарните Сем и Снежана успеаја да направат солидна кариера од својот јавен профил и се уште често се појавуваат на телевизија.
Ирена е 31 годишна медицинска сестра, што живее во западните предградија на Мелбурн и се сметаше за една од фаворитките да стигне до финалето во осмата сезона од шоуто „The Bachelor” (Ерген). Таа во финалето остана со Бела Варелис, во борба да го освои срцето на Локи, а многумина покрај ТВ екраните страсно навиваа во натпреварот помеѓу девојките со македонско и грчко потекло.
На крај Локи низ солзи ја донесе одлуката, и кажа збогум на Бела и својата љубов ја вети на Ирена.
„Ирена, знам дека ќе бидеш прекрасна девојка, жена, мајка, ти си цел пакет” – и рече Локи на Македонката што му го освои срцето.
„Едвај чекам да го започнеме заедничкиот живот и да ти ги исполнам сите желби. Те сакам многу”, додаде тој.
Во прекрасен фустан Ирена блескаше покрај нејзиниот нов партнер.
Имаше и таа да сподели неколку убави зборови со него :
„Ме правиш многу среќна, уште првиот пат кога те видов можев да се замислам овде со тебе” му рече Ирена на Локи.
Ова му беше целта на Локи кој влезе во шоуто со намера да ја најде вистинската љубов. Тој претходно беше во врска со Џордан Кејлес со која се натпреваруваше во втората сезона на „Love Island Australia’.
Сега среќата ќе си ја проба со Ирена, откако ја избра за своја партнерка и и подари прстен со кој ја вети својата љубов. Но, прстенот не е свршенички. Дали воопшто ќе дојде до таков, останува да дознаеме.
Ирена Србиновска се истакна меѓу другите уште на самиот почеток на „The Bachelor”. Инстантно поврзувајќи се со Локи Гилберт, по што и се очекуваше дека ќе биде фаворит за земање на финалната роза.
Австралиските медиуми Ирена ја претставуваат како убавица со остар ум. Таа е Македонка, а нејзините корени несомнено се длабоко зацврстени во културата од оваа југоисточна европска земја. Во снимките од посетата на нејзиниот роден град може да се види колку ужива во македонската култура со нејзиното семејство.
Нејзиното потекло ја поврзува со друга учесничка од ова шоу, а тоа е Снежана Вуд, која исто е Македонка, а победи во претходните сезони на шоуто. Македонскиот шарм очигледно ги води кон победа.
Ирена брзо му остави впечаток на Локи откако извади стетоскоп за време на нивната прва заедничка коктел забава и го измери чукањето на срцето на Локи.
„Мислам дека слушнав како твоето срце прескокнува во ритам”, се пошегува Ирена со рацете во кошулата на Локи.
Работејќи како медицинска сестра во Мелбурн, Ирена има и грижлива страна – нешто што Локи многу го цени.
„Животот како медицинска сестра е неуреден, предизвикувачки и е бесконечен циклус на работа во смени, но исто така е и дарежлива и инспиративна работа”, рече Ирена за својата професија.
Таа исто така ужива да минува време во природа и како пар страствени планинари, Ирена и Локи дефинитивно изгледаат како совршени еден за друг.

Останати вести