Иселениците имаат мал интерес да инвестираат во Македонија

Има неколку успешни приказни на Македонци од дијаспората што инвестирале во Македонија од нејзината независност во 1991 година. Меѓутоа, интересот што го покажуваат македонските иселеници во Австралија за инвестиции во татковината се намалува со текот на годините.

„Македонија 2025″ успешно ги информира домашната и странската публика за олеснувањата и за предностите за инвестиции што им ги нуди Македонија на странските инвеститори. Дали овие активности се присутни и во Австралија?
– „Информатичката револуција” и технолошките промени и иновации се двигатели за развој и глобализација (Пауел и Гаури, 2008). „Македонија 2025″ ги мотивира домашната и странската инвестициска публика да ја сметаат Македонија за безбедна можност за инвестирање. На пример, светскиот извештај за конкурентност на интернационалниот институт за развој на менаџментот за минатата година ја рангира Македонија на четвртото место од 144 земји за времето потребно да се започне бизнис и на 17-то место за силата на заштита на инвеститорите. Ова се значајни олеснувања и предности што им ги нуди Македонија на странските инвеститори. Покрај тоа, Македонија има таква стратегиска локација за да овозможи претприемачки активности преку границите, со ниски трошоци и способна работна сила. Овие активности се исто така присутни во Австралија, како што сведочи и извештајот на интернационалниот институт за развој на менаџментот, кој ја рангира Австралија на второто место за времето потребно за да се започне бизнис. Меѓутоа, Австралија е рангирана на 52-то место за заштита на инвеститорите.
Реално гледано, ако ги земеме предвид најпроблематичните фактори за водење бизнис во Македонија, ќе наидеме на парадокс. Двата проблематични фактори што се наоѓаат на врвот, кои се посочени во светскиот извештај за конкурентност на интернационалниот институт за развој на менаџментот за 2012 година се: пристапот за финансирање и неадекватното образование на работната сила.
Парадоксот може да се реши со пристап што вклучува поголем број стеjкхолдери каде што Владата, пазарот на трудот, образовниот систем и дијаспората соработуваат за да постигнат заедничка цел, поддржани од добро организираните активности и стратегиски цели на „Македонија 2025″.

Каков е интересот од страна на македонските иселеници во Австралија за инвестиции во татковината?
– Македонската дијаспора има значаен степен на социјален капитал во смисла на јазични способности и врски што можат да ја олеснат трговската размена со татковината. Има неколку успешни приказни на Македонци од дијаспората што инвестирале во Македонија од нејзината независност во 1991 година. Меѓутоа, интересот што го покажуваат македонските иселеници во Австралија за инвестиции во татковината се намалува со текот на годините.
Ова беше потврдено од проектната студија на австралискиот истражувачки совет, Македонската дијаспора во Австралија: моментни и потенцијални врски со татковината. Оваа студија покажа дека професионалните и бизнис-врски со Македонија се ограничени на 21 отсто од испитаниците или на 133 поединци. Само четири отсто од испитаниците се вклучени во македонски бизнис-организации во Австралија, а само 9,5 отсто имале интеракција со Македонија. Поконкретно, само 6,5 отсто од испитаниците воделе бизнис со увоз и извоз.
Според авторите на извештајот, Бен-Моше, има неколку причини што го објаснуваат слабиот интерес за соработка со татковината. Генерално гледано, поголем дел од енергијата во Австралиско-македонската дијаспора од 1991 година е насочен кон одбрана на македонскиот јазик и кон постојанaта битка за македонскиот идентитет. Според извештајот, заклучокот е дека има силна верба во потенцијалот за зацврстување на професионалните и бизнис-врски. Сепак, според испитаниците, соодветните алатки и механизми треба да се спроведат од страна на австралиската и македонската влада за да се надминат негативната перцепција и искуства. На пример, за оваа цел може да се искористат социјалните медиуми.

Со оглед на вашата позиција како декан на Интернационалната школа за бизнис на Универзитетот на Јужна Австралија и вашето големо искуство како професор на неколку реномирани универзитети, кои би биле вашите препораки за претстојниот самит за инвестиции „Македонија 2025″?
– Моите препораки за претстојниот самит за инвестиции би биле за Владата, образовниот систем, пазарот на трудот и дијаспората да работат заедно кон поголемо учество преку претприемачка култура, односно да обезбедат олеснувања за младите претприемачи да започнат нови бизниси и да создадат работни места за да се намали невработеноста. Потоа, повеќе ангажмани и соработка на македонските универзитети на глобално ниво, поголема поддршка за истражување и иновации, зголемени инвестиции за одржливост и подобра регулатива. Сметам дека македонската дијаспора и Македонија мора да воспостават заедничка платформа со која би можело да се искористи моќта на глобализацијата и влезот, односно евентуалниот влез во НАТО и во Европската Унија.

„Македонија 2025″ работи на трансформирање на македонската економија преку претприемаштво, иновации, трансфер на практичното знаење и на нови технологии. Колку нашите иселеници-експерти можат да помогнат во подобрувањето на производствените процеси на македонските компании?
– Македонските иселеници имаат суштинска улога во делењето на искуството и знаењето стекнато во земјите каде што живеат. Нашите иселеници-експерти можат да направат значителен придонес за подобрување на производствените процеси на македонските компании. Почитувани успешни луѓе од македонската дијаспора би работеле заедно со водечките македонски професионалци за да ја поддржат претприемачката клима, која е суштинска за развој на Македонија и иден опстанок. Проектната студија на австралискиот истражувачки совет, Македонската дијаспора во Австралија: моментни и потенцијални врски со татковината, наиде на силна желба да ѝ се помогне на Македонија, користејќи ги професионалните вештини на луѓето. Според податоците, 63 отсто се согласуваат дека сакаат да развијат бизнис и професионални врски помеѓу Македонија и Австралија. Покрај тоа, 15,5 отсто од испитаниците имаат завршено постдипломски студии споредено со 3,9 отсто од целосната популација.
Неопходните чекори што треба да се преземат за да се искористи интелектуалниот капитал од македонските професионалци се неколку, на пример, развој на „кој е кој” на македонските интелектуалци. Ова е голема задача и би можело да се спроведе преку различни македонски амбасади низ светот. Создавањето на „кој е кој” базата на податоци би било основен чекор во процесот, заедно со признанието од претседателот на Македонија.

Во образованието дајте им предност на менаџерите од ипсилон-генерацијата

Иновациите заземаат голем дел од вашата професионална научна работа. Дали сметате дека е возможно во Македонија да се достигне развој преку инвестирањето во иновации?
– Според посебното издание за претприемаштвото во „Економист” (Глобални херои, 2009), земјите кај кои претприемаштвото е на високо ниво, пријавиле економски пораст повисок од просечниот. Меѓутоа, проектната студија на австралискиот истражувачки совет ја рангира Македонија на 99-то место од 144 земји што се однесува на капацитетот за иновации. Исто така, Македонија мора да признае дека добар универзитетски систем е од суштинско значење за македонската економија и националниот развој. Според досегашната студија водена од универзитетите во Австралија, за повеќе од половина од работните места создадени од австралиската економија оваа година ќе биде потребна универзитетска диплома.
Земјите што се во најдобра позиција да одговорат на предизвиците ќе бидат оние кај кои ќе се подигне процентот на популацијата од 24 до 35 години со вишо образование и кај кои ќе се образува, развива и одржува талентот, давајќи предност на образованието и на развојот на ипсилон-генерацијата менаџери, да се справат со брзото пензионирање на генерацијата по Втората светска војна.
Сепак, водечките бизнис-школи, како дел од мастерот за бизнис-едукација (МБА) програмите, се фокусираат на усогласување на курсевите ориентирани кон менаџмент, наместо претприемачки курсеви, кои ги вреднуваат креативноста и иновацијата. Ова е потврдено со извештајот на универзитетите во Австралија, кој поставува конкретни иницијативи за универзитетите и Владата и ги опфаќа учеството, глобалното учество, истражувањето и претприемаштвото и одржливите инвестиции и подобрата регулатива.

(“Нова Македонија”)

 

Останати вести