Иселениците мора да имаат право на глас, но власта од тоа не смее да прави фарса!

Деновиве во фокусот на вниманието на политичката јавност е гласањето на иселениците од Македонија во светот. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги вкрстија копјата околу прашањето дали иселениците треба да немаат, да имаат три пратенички мандати како сега, или можеби 20, како што инсистира премиерот Никола Груевски. На оваа тема разговаравме со Ден Дончев, поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, наш иселеник во Австралија. 

Господине Дончев, како ја оценувате досегашната дебата за гласањето на иселениците, во пресрет на следните парламентарни избори?
– Дебатата околу гласањето на дијаспората се развива во погрешен правец. Сосема е во ред да се има општествена дебата за прашањето дали и на кој начин иселениците треба да имаат право на глас. Па, ако сакате, дури може да дебатираме и за мајтап предлогот на Груевски за избор на 20 пратеници од дијаспората. Мое лично мислење е дека дијаспората треба да учествува на изборите. Меѓутоа, сето тоа е за некои идни времиња, кога ќе се создадат услови за тоа што може да се нарече фер и демократски избори во државите каде иселениците ќе гласат.
Да, но сите погледи се вперени кон изборите во април 2016 година…
– Во меѓувреме, под итно треба да се прекине гласањето на дијаспората за парламентарните избори во април 2016. Еве зошто! Целата работа, како што беше до сега поставена, е со единствена цел сегашното ВМРО-ДПМНЕ да добие сигурни три пратенички места, безмалку на криминален начин. Конкретно, зборувам за ситуацијата во Австралија, но сум речиси сигурен дека околностите се идентични и во Европа и во Америка.
Што се случува во Австралија?
– Според последниот попис, во Австралија, официјално, се регистрирани околу 120.000 граѓани со македонско потекло. Мојата проценка е дека таа бројка е поблиску до 200.000, ако се земат предвид Македонците од егејскиот дел и значаен број од втората и третата генерација Македонци кои се немат изјаснето како Македонци на пописот. Според пописот, од вкупниот број Македонци, околу 45 проценти живеат во Сиднеј и околината, 45 проценти живеат во Мелбурн и околината, 5 проценти се во Перт и уште 5 проценти во други помали градови. Како и да е, може да претпоставиме дека најмалку 50.000 Македонци се на возраст над 18 години и со потенцијално право на глас.
На последните таканаречени избори во дијаспората, само околу 900 Македонци од Австралија гласаа за пратеник. Ова значи дека не може да стане збор за гласање на „дијаспората”. Тоа беше гласање на мала група луѓе. Ваквиот мал број гласачи (од кои 96 отсто гласаа за сегашното ВМРО-ДПМНЕ), е фарса сама по себе и речиси сите во Македонија се свесни за ова.
Зошто е толку слаб одѕивот на избирачите?
– Мислам дека малкумина во Македонија знаат дека гласачите во Австралија имаат право да гласаат само во Амбасадата во Канбера и во Конзулатот во Мелбурн (лоциран во центарот на градот). Ова значи дека Македонците во Сиднеј треба да патуват 200 километри до Канбера и 200 километри назад, за да го остварат своето уставно право на гласање. Македонците во Мелбурн, кои инаку живеат во неколку сконцентрирани населби, во просек треба да патуваат 30 километри до Конзулатот во центарот на градот и 30 километри назад, за да го остварат своето уставно право на гласање. За да гласаат, Македонците од Перт треба да патуваат 4.000 километри до Мелбурн или Канбера и 4.000 километри назад.
Целата процедура е дополнително отежната со дополнително патување. Пред некој да реши да дојде на денот на гласање, треба претходно да се регистрира како гласач. А за да се регистрира, треба да се поседува македонски пасош или лична карта. За тоа, треба да се се отиде во Амбасадата во Канбера или во Конзулатот во Мелбурн.
Што подразбирате под фер и демократски услови за гласање на дијаспората? Но, тие што ионака мислат да гласаат, секако би се обиделе да се регистрираат како гласачи, во двете дипломатско-конзуларни претставништва. Зошто е ова доиполнителен проблем?
– За време на изборите во 2011 и во 2014 година, имаше сериозни пречки од страна на службениците во Амбасадата и во Конзулатот за Македонците кои самоиницијативно се обидоа да се регистрираат како гласачи. Бидејки сегашното ВМРО-ДПМНЕ не ги сметаше како нивни сигурни гласачи, овие Македонци се соочија со разни административни барања. Целта беше да се откажат од регистрација. Други, пак, едноставно ги немаше на избирачкиот список и покрај уредно доставените документи.
Значи ли тоа дека власта свесно си обезбедила предност на изборите?
– Сето ова практично значи дека тие што беа регистрирани гласачи во Австралија (околу 750 во Мелбурн и 250 во Сиднеј), беа стриктно избрани луѓе од страна на активисти на ВМРО-ДПМНЕ, а под директна контрола на одредени поединци од Скопје. На самиот ден на гласањето, во 2011 и 2014 година, активисти на ВМРО-ДПМНЕ организираа автобуси во Сиднеј и Мелбурн да ги носат гласачите на гласање.
Со ваквиот начин на организирање и спроведување на избори, со сигурност се прекршени многу услови за фер и демократски избори. Во овој момент не постојат теоретски шанси да се обезбедат услови кои би можеле барем малку да бидат фер и демократски.
Што подразбирате под фер и демократски услови за гласање на дијаспората?
– Пред се, регистрација на минимален број гласачи, бројка која би била слична на бројката со која се обезбедува еден пратенички мандат во Република Македонија. Воедно, оваа подразбира и обезбедување на ефикасен и релативно лесен начин на кој гласачите би можеле да се регистрираат. Потребно е да се обезбеди доволно голем број гласачки места на денот на изборите во близина на местата каде што живеат најголем дел од гласачите. Сето тоа, се подразбира, мора да биде под контрола на Државната изборна комисија.
Според Уставот, секоја Македонец има подеднакво право да гласа на избори. Од друга страна, државата има обврска да обезбеди подеднакви услови за гласање на сите граѓани. Кога веќе сегашната ВМРО-ДПМНЕ дозволи гласање во Австралија, небулоза е да се каже дека Република Македонија обезбедила подеднакви услови за регистрација и гласање на македонски граѓанин кој, на пример, живее во Перт. Значи, кога гласачите немаат реални услови за регистрација и гласање, право кое е загарантирано со Уставот, тогаш по дефиниција, целиот процес на гласање во е антиуставен.
На кој начин би се постигнале овие услови и колку сето тоа би го чинело македонскиот буџет, се прашања кои барат сериозно размислување и планирање. Но, се додека Република Македонија не обезбеди барем елементарни услови за уставно загарантираното право на регистрација и гласање, фарсата со наводно гласање на дијаспората треба да биде прекината, вклучително и за изборите во април 2016 година.

(Плусинфо)

Останати вести