Само во најбогатите земји од Европската унија во моментов живеат повеќе од 200,000 Македонци, што дополнително со остатокот од Европа, но и од прекуокеанските земји создава страотна бројка дека од земјата се иселиле четвртина од вкупното население
Заминуваат ли младите од Републиката за љубов или за пари? Колумна на провладината аналитичарка Тања Kаракамишева-Јовановска, која беше објавена за празниците во весникот „Дневник”, предизвика лавина реакции и критики во јавноста и буквално ја крена на нозе дијаспората. Професорката вината за иселувањето на околу 600,000 луѓе (ама тоа е проценета бројка од 1960-те до денес) не ја гледа во бесперспективноста за младите туку, според неа, во „белиот свет” тие барале љубов. Овој став на Каракамишева наиде на револт на социјалните мрежи. Преку Фејсбук и Твитер бројни Македонци кои во изминативе години се одлучиле да ја напуштат земјата и да бараат егзистенција низ Европа и светот ја нападнаа изјавата, споделувајќи свои искуства, но и на нивни најблиски кои .
Во клинч со Каракамишева влезе и Обединетата македонска дијаспора од Канада. Организацијата реагираше на тврдењата дека Македонците се иселувале поради љубовни празнини и дека потоа на Запад живееле мизерно и нереализирани. Тие побараа извинување од професорката. „Колумната е тотална девалвација на целата македонска дијаспора, особено на способната младина. Длабоко жалиме за потребите и мотивите поради кои госпоѓата одлучила да се обиде да ја навреди и понижи македонската дијаспора пред најголемиот христијански празник”, соопшти ОМД.
На ова следуваше реакција на Каракамишева, која смета дека „сатанизирањето на нејзината личност преку извртување на вистината содржана во текстот е дел од поголемата политичка хајка која подолго време се води против неа”. „Жално е што не постои елементарен обид за проникнување во нејзината суштина, во поентата на денешното отуѓување од духовните и традиционалните вредности, од значењето на домот и семејството”, вели таа.
РЕАКЦИИ
„Пласирањето на вакви манипулативни ставови и гледишта во јавноста не претставува ништо друго освен еден срамен обид да се прикријат фактите кои одамна се неоспорни како последица на економската заостанатост, раширената сиромаштија и ригидната партизација на секој сегмент на општественото живеење”, реагираат иселениците.
Сe поголем број македонски семејства со мали деца во последниве години се иселуваат и започнуваат нов живот во западноевропските земји. „Многумина од нив тоа го прават со бугарски ЕУ-пасоши, се разбира, не затоа што станува збор за некакви конвертирани Македонци, туку поради прагматични причини да можат да добијат право на престој и работна дозвола. Во Шведска среќавам голем број такви луѓе, од најновиот македонски иселенички бран. Може само да се претпостави дека во својот иселенички багаж ги носат со себе и своите стравови, недоумици и траумите што разделбата од родното место и роднините и пријателите неминовно ги предизвикува. Но со себе – нема никакво сомнение во тоа – ги носат и љубовта и грижата кон своите деца, кон својот партнер, љубовта и желбата кон подобра иднина и подостоинствен живот”, реагира новинарот Ивица Челиковиќ, кој живее во Гетеборг, Шведска.
Група од дваесетина студенти и академци, но и Македонци кои работат на истакнати европски универзитети исто така испратија писмо како реакција на колумната на Каракамишева. Во неа потенцираат дека заминале од земјата поради неколку причини – бидејќи не можеле да најдат начин како да бидат финансиски независни дури и за време на додипломските студии, но и не можеле да најдат универзитет кој е барем во првите 500 во светот според Шангајската листа, а имале капацитет за тоа.
„Не можевме да најдеме начин со кој во Македонија ќе подготвиме докторат, а ќе можеме да најдеме грантови и финансии за истрaжувачка работа. Не можевме да најдеме инвестиции за развој на нова технологија и фирма која ќе ја комерцијализира. Не можевме да најдеме доволно научни групи кои работат и објавуваат научна работа не само на регионално ниво, туку и на светските конференции. ‘Белиот свет на сурова и безмилосна реалност’ ни ги овозможи сите овие услови. Всушност, ние стигнавме таму кај што сме, баш поради таа ‘сурова реалност'”, се вели во писмената реакција.
БЕЛА ЧУМА
Проблемот со иселувањето на младите од Републиката, но и од регионот е актуелен со години наназад и често е предмет на препукувања меѓу партиите, околу тоа кој е виновен за белата чума. Оваа проблематика стана актуелна особено по прогнозите на Обединетите нации дека до средината на овој век Македонија ќе има половина милион жители помалку од сега.
Ако порано на печалба заминуваа занаетчиите и помалку стручните кадри, денеска се соочуваме со т.н. „одлив на мозоци”, кој, според прогнозите, нема да престане ниту во годините што следуваат. Само во најбогатите земји од Европската унија во моментов живеат повеќе од 200,000 Македонци, што дополнително со остатокот од Европа, но и од прекуокеанските земји создава стравотна бројка дека од земјата се иселила четвртина од вкупното население. Како најчести причини се наведуваат: слабиот економски раст, ниските плати, невработеноста, невреднувањето на трудот, политичката припадност и бесперспективноста, кои и покрај желбата на сите влади – не успеаја да се совладаат во дваесетината години самостојна македонска држава.
Извештајот на Светска банка дека Република Македонија е на 23. место во светот по бројот на емигранти предизвика големо внимание во јавноста, но расправата отиде во погрешна насока и обвинувања дали иселувањата се случувале во последните години или, пак, станува збор за процес што трае со децении.
„Тој тренд постоел отсекогаш, но не стивнува од 1992 година наваму. Забележливо е дека сега се менува структурата на работната сила. Во 70-тите години од минатиот век, иселувањата се случуваа поради намалување на притисокот врз работната сила, а заминуваа главно неквалификувани, полуквалификувани и сам мал дел квалификувани кадри. Од 1995 година, тие работи се сменија. Денеска имаме промена на работната структура, како од ниво на стручност и едукација, така и по полови и старост. Мора да признаеме дека го губиме јадрото на населението, луѓе на возраст од 20 до 40 години, кои се во најкреативниот и најдобриот период од својот живот”, изјави неодамна за „Утрински весник” професорот Славе Ристевски.
Статистички, најмногу заминуваат електроинформатичарите, медицинскиот и природниот кадар. Одредени податоци велат дека во моментов во Италија живеат 78,000 македонски граѓани, во Германија – 58,000, во Австрија – 16,000, во Словенија – 9,500… За една деценија, пак, вкупно 56,506 македонски граѓани добиле странски државјанства.
Резултатите од истражувањето на невладината организација „Реактор” покажуваат дека 40 проценти од младите во земјата за пет години се гледаат во некоја друга држава. „Двата клучни проблеми коишто ги тераат, не само младите, туку и преостанатото население на миграција, се слабата економија и недостаток од работни места и инфраструктурни прашања”, покажа истражувањето.
(“Утрински весник”)
