Десет алпинисти од Непал поставија светски рекорд откако станаа прв тим кој во екстремно тешки зимски услови го качија К2 – вториот највисок врв на светот (8.611 метри надморска висина, но далеку поопасен од Еверест), кој се наоѓа на граница меѓу Пакистан и Кина.
Нимсадаи Пурџа, еден од членовите на групата која реши да тргне во страшна мисија, рекол дека го искачиле врвот во 17:00 часот по локално време. Пурџа претходно во само 6 месеци ги искачил сите 14 врва над 8.000 метри надморска висина.
Екипата искористила момент на стишување на страшните ветрови по кои К2 е познат, особено во зимски услови, за да ја искачат и последната точка за поставување камп на 7.350 метри од каде тргнале до врвот.
Непалците постојано ја информираа јавноста до каде стасале, а Пурџа на Инстаграм објави фотографија на екипата од врвот која вечно ќе се памети.
Од моментот на првите искачувања на К2 во 1987-1987 (овој врв важи за еден од најсмртоносните на светот и на него се оди само во летни услови), организирани се само неколку зимски експедиции. Никој никогаш не успеал да ја искачи највисоката точка на 7.650 мднв во зимски услови. До минатиов викенд.
Непалските Шерпи, кои се сметаат за основачи на алпинистичката индустрија на Хималаите, редовно им помагаат на странските експедиции. Осум луѓе од овој тим се Шерпи, а двајца алпинисти, сите од Непал.
Температурите во текот на целиот подвиг движеле од -40 до -50 степени.
За да се разбере целиот подвиг треба да се знаат следните работи: Од точката на поаѓање (од базниот камп) нагоре се поставуваат четири кампа до врвот: C1, C2, C3 и C4. Се оди до првата точка, се поставува камп, па се симнува до базниот со цел аклиматизација. Во исто време се носи и опрема нагоре по камповите, се фиксираат јажиња, се носат кислородни боци, храна, шатори за спиење, ред други работи, па пак симнување надолу со цел аклиматизација. Кога условите ќе дозволат, се преспива во камповите. Тоа е еден процес кој трае со недели, некогаш со месеци.
К2 е најсмртоносен врв
За првпат во историјата овој врв е искачен пред 66 години од Ахиле Компањони и Лино Лачедели. Пред нив имало 6 обиди но сите биле неуспешни.
К2 беше единствениот преостанат врв над 8.000 метри кој не бил искачен во зимски услови, откако претходно во 2016 беше освоен врвот Нанга Паргат.
Обиди за искачување на К2 секогаш се прават во јули и август кои се најтопли периоди од годината. Досега К2 го искачиле само 280 луѓе во споредба со 3.681 алпинисти кои го освоиле Монт Еверест.
Пред самиот врв на К2 е страшниот Bottleneck, теснец во кој се случиле речиси сите трагични настани со загинати алпинисти. Во 2008 година на овој потег лавина во смрт однесе 11 алпинисти и таа трагедија е најпозната на врвот К2.
Ветровите можат да одат и до 200 км/час а температурите и до -60 Целзиусови степени.
К2 се наоѓа во масивот Глигит-Балтистан, реон кој има 18 од 50-те највисоки светски врвови.
Повеќе од 50 планинари од целиот свет, кои се дел од три меѓународни експедиции, исто така, ќе се обидат да го искачат врвот оваа зима.
