Јунак во историскиот успех е фудбалерот кој остави најголем белег во историјата на македонскиот фудбал, капитенот Горан Пандев. Tој на возраст од 37 години го постигна најважниот гол во македонскиот фудбал
Фудбалската репрезентација на Македонија за првпат ќе настапи на Европско првенство откако на 12 ноември ја совлада Грузија во Тбилиси со 1:0 во финалниот бараж натпревар од Лигата на нации.
Со ова македонските фудбалери го направија најголемиот успех во историјата. Тоа што не им успеа на генерациите на Панчев, Митревски, Шаќири, еве им успеа на Пандев, Димитриевски, Адеми, Елмас, Алиоски, Несторовски… – Македонија за првпат ќе игра во завршницата на едно фудбалско првенство.
Истовремено со ова е крунисан петгодишниот циклус на селекторот Игор Ангеловски кој ја менаџираше смената на генерации.
Оваа генерација предводена од капитенот Горан Пандев наплати за сите разочарувања, нервози, солзи…
На овој натпревар влогот беше голем и за двете селекции. Победникот оди на ЕП во јуни. Заради тоа на стартот видовме внимателна игра и на двете репрезентации, Грузија го искористи тоа што игра на домашен терен и ја презедe иницијативата, односно контролата на топката, но не успеа да создаде ниту една шанса во првите 25 минути игра.
Од друга стана избраниците на селекторот Игор Ангеловски играа позатворено, чекајќи шанса од контранапади.
Првиот шут кон голот на Димитриевски го упрати Окриашвили во 28. минута, но нашиот голман беше сигурен. Две минути подоцна, Окриашвили имаше уште една шанса, но за наша среќа топката покрај голот на Димитриевски.
Најдобрата шанса за гол во првиот дел ја имаа нашите фудбалери преку капитенот Пандев чиј удар со глава во 35 минута голманот на Грузија, Лориа, го одбрани.
На почетокот од второто полувреме поинаква слика од првиот дел, нашите фудбалери поофанзивно тргнаа кон голот на Лориа и тоа им се исплатеше по само 10 минути игра.
Елиф Елмас повлече еден противнапад и во серија од неколку додавања со Илија Несторовски и Горан Пандев, успеаја да му „наместат” топка на капитенот кој излезе сам пред голманот Лориа и без проблеми го совлада за 0:1.
Ова водство се покажа како клучно.
Примениот гол им ги пресече нозете на Грузијците и зачестија нивните грешки, и во 66 минута Елмас шутираше од 20-тина метри но топката заврши покрај голот на Лориа.
Обидите на Грузија да дојде до израмнување исто така им отвори голем простор за игра на „црвено-жолтите” по што почнаа да се редат шансите од противнапади. Во 71 минута Велковски повлече во противнапад, му додаде на Несторовски на работ од шеснаесетникот на Грузија, кој пак имаше добра намера да му ја врати топката на Дарко Велковски но побрзи беа грузиските дефанзивци.
Три минути подоцна Елмас ја измеша одбраната на Грузија, но неговиот шут беше блокиран и топката заврши во корнер.
До крајот на натпреварот избраниците на селекторот Ангеловски одлично се бранеа, не дозволија Грузијците да создадат ниту една посериозна шанса и на крајот сосема заслужено се радуваат на најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал.
Поради поразот веднаш по натпреварот оставка поднесе селекторот на Грузија, Словакот Владимир Вајс, иако во последните 14 меча ова беше неговиот единствен пораз.Професионално ќе ги одработи претстојните два дуели од Лигата на нации во текот на наредните седум дена, по што ќе се повлече од функцијата.