Историски успех на Македонија на Oлимпијадата по информатика

Македонскиот тим на овој светски најпрестижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци, составен од учениците Бојан Серафимов, Климент Серафимов, Васил Кузевски и Филип Беџовски, предводени од лидерите Миле Јованов и Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и два бронзени медали.

 Од Здружението на информатичарите на Македонија информираат дека постигнатиот резултат претставува најголем успех за земјата на сите досега одржани интернационални информатички олимпијади, но и потврда дека македонските ученици со стекнатото знаење од областа на компјутерските науки можат да се носат рамо до рамо со најдобрите ученици ширум целиот свет.

Сребрениот медал е прво вакво одличје што го освојува еден македонски ученик и претставува успех со кој може да се пофалат помал број од земјите – учеснички на ИОИ.

 

ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, повеќе од 250 илјади млади луѓе од речиси 90 држави се натпреваруваат во борба да ја претставуваат својата држава на ИОИ.

На ИОИ 2014 учествуваат вкупно 315 ученици, кои право на учество обезбедија преку националните натпревари во програмирање спроведени во 80 земји од целиот свет. Во ваква силна конкуренција, првиот сребрен медал во историјата за Македонија го освои Бојан Серафимов, а бронзените медали ги освоија Васил Кузевски и Климент Серафимов.

Останати вести