Новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, вели дека за разлика од претходното раководство на министерството, тој нема да постапува конспиративно, да поттикнува корупција, клиентелизам и криминал, да постапува незаконски, да брише утврден статус на културно наследство и да врши упад во работата на стручните служби, претворајќи ги во марионети.
Министерот Алаѓозовски ги охрабрува стручните служби да работат според нивната стручност и совест, без партиски притисоци и надворешни влијанија, се вели во соопштението од Министерството за култура.
„Сметаме дека е мошне лицемерно партијата ВМРО-ДПМНЕ да зборува за грижа за културно наследство и кривични пријави, кои допрва треба да следат, но токму за поранешната министерка за култура, во чиј мандат изгореа конаците на манастирите „Св. Јован Бигорски„ и „Трескавец„, изгоре „Беговата куќа” во Велес, се случи најголемата кражба на артефакти во Музејот на Македонија, кој подолго време се распаѓа.
Крајно лицемерно е да се говори за грижа за културното наследство, додека пропаѓа она врвното и најдрагоценото, како што е црквата во Курбиново, или пак Султан Муратовата џамија, која е единствена од ваков вид во регионот. Неморално е за културното наследство да говорат оние, кои се обидоа да продадат врвно културно наследство, Офицерскиот дом во Битола, како обична недвижна ствар!
Ќе има и одговорност и кривични пријави. Освен за работите што ги наведовме, и за многу други работи за кои јавноста е добро запознаена. Ќе има одговорност за криминалните активности на Плаошник, Скопско Кале, за лажните градби од т.н.проект “Скопје 2014”, кои спротивно на законот беа прогласени за културно наследство.
Сите очајнички обид за прикривање на злосторството врз културното наследство направено во изминатите 11 години воопшто нема да го поколебаат Министерството да ги оствари своите заложби и новите културни политики, кои ќе бидат далеку постручни, поинклузивни и поефикасни од криминалниот и конфликтен пристап, кој беше нуден и реализиран сите овие години, стои во соопштението од Министерството за култура.
Министерот Алаѓозовски: “Скопје 2014” е фушерај кој троши премногу струја
Новиот министер за култура Роберт Алаѓозовски во интервју за Телевизија 24 рече дека ќе направат ревизија на проектот „Скопје 2014″.
– Во буџетот нема пари за каква било интервенција за „Скопје 2014″. Ние ќе ги преиспитаме и повторно ќе ги ставиме на увид на јавноста штетите од тој проект. Ќе им покажеме на граѓаните дека тоа е стиропор и фушерај, а не е мермер. Можам да кажам дека само Музејот на ВМРО троши 6 ипол милиони денари за струја, изјави Алаѓозовски.