Седумнаесетгодишниот Адем Весели од скопското село Студеничани е момчето што беше пронајдено мртво во автомобил со кичевецот Светислав Ристески (28) на патот од Драчево кон селото Kоличани.
Засега се уште нема потврда дали станува збор за двојно убиство или за убиство и за самоубиство како што се сомневаат и истражните органи. Инаку оружјето со кое двајцата биле застрелани било пронајдено до еден од нив што може да укажува дека еден од двајцата пукал. Првиот ден кога беа пронајдени телата полицијата веднаш информира за идентитетот на кичевецот со оглед на фактот дека автомобилот „ровер 75″ со охридски регистарски ознаки во кој беа пронајдени телата бил негова сопственост. Ристески носел и документи со себе па идентификацијата не била проблематична. Од друга страна малолетникот немал документи, па од МВР дури по два дена го соопштија неговиот идентитет. Момчето од Студеничани било идентификувано дури откако неговиот татко на 1 септември во полициска станица пријавил дека момчето е исчезнато. Она што засега им е непознато на истражните органи е фактот што родителот рекол дека Весели всушност го нема од 29 август. Тоа, речиси, се совпаѓа со времето кога за исчезнат бил пријавен и Ристески. Многу веројатно дека трагедијата се случила меѓу 28 и 29 август, а нивните тела беа пронајдени дури по три дена. Непознато е само зошто дури по четири дена било пријавено исчезувањето на малолетникот. Многу веројатно е дека двајцата мртви биле во автомобилот неколку дена со оглед на фактот дека скршнале од локалниот пат и се паркирале во нива во близина на орев односно подалеку од погледите на оние кои поминувале по патот. Местото Локва каде што се пронајдени двете тела е оддалечено околу 30 километри од Студеничани, од каде што потекнува малолетникот. На местото има ниви и лозје, па дури кога еден од сопствениците на лозјата дошол да си го провери имотот, бил откриен автомобилот. Возилото било паркирано на местото Локва, а на 1 септрември околу 19 часот сопственикот на лозјето го забележал на место каде што вообичаено не застануваат непознати со возило. Тој се приближил до автомобилот за да провери што се случува. Се изненадил кога видел дека во него има двајца неподвижни мажи, па во паника сомневајќи дека се мртви, веднаш се јавил во полицијата. На местото едвај може да се забележат траги од автомобил, а дека се случила страшна трагедија сведочеа само мал дел од искината полициска лента и расфрлани делови од заштитната опрема што ја користеле полициските екипи при увидот.