Ќе се стартува со истражување на изборните малверзации од „бомбите“

СПЕЦИЈАЛНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ГО ОДБРА ПРВИОТ ПРЕДМЕТ:

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) објави дека првиот предмет за кој започнува предистражна постапка ќе биде за изборните нерегуларности кои, според „бомбите” на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги правеле функционерите на власта. 

На попладневната прес-конференција, обвинителката Ленче Ристевска рече дека тие ќе бидат првите предмети што ќе ги отвори специјалното обвинителство. Таа најави дека во следните неколку дена, обвинителството на Катица Јанева ќе побара од Заев и од СДСМ, да им бидат предадени аудио снимките од „бомбите”.
– Објавуваме дека Специјалното обвинителство се прогласува за стварно надлежно по овој предмет и по него ќе започне предистражна постапка. Во следните неколку дена ќе излеземе со поконкретни информации и ќе се обратиме до сите институции, физички или правни лица – кои имаат некакви докази – да ни ги достават, рече обвинителката Лиле Ристовска.
Ова значи дека се очекува од Зоран Заев и СДСМ во најскоро време да ги предадат на Специјалното обвинителство сите аудио-снимки и транскрипти од “бомбите”.
Како што презентираше обвинителката Ристовска, СЈО има недостиг од истражители – досега имаат вработено само двајца специјални истражители иако имаат потреба од уште 11. Дадена е наредба до МВР, Министерството за финансии и до Управата за финансиска полиција да им бидат отстапени толку истражители, кои се очекува да дојдат во текот на оваа седмица. Владата десетина дена молчи за барањето на Катица Јанева по итна постапка да се донесе Закон за јавно-обвинителската служба, со што ќе се овозможи вработување на потребните кадри во стручните служби на СЈО.
Инаку, освен 35-те предмети кои досега беа во Скопското обвинителство и во Обвинителството за борба против организиран криминал, СЈО го побарало (и го добило) уште и предметот од Обвинителството во Битола, а се однесува на сомневања за висока корупција од страна на битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Се уште СЈО нема повратен одговор од Кумановското обвинителство, за предмет кој се однесува за нелегално прислушување.
– За аферата која ја објави неделникот „Фокус” за лажните лични карти, се уште не сме утрдиле дали сме надлежни бидејќи се уште го немаме добиено предметот, рече Ристевска.
Исто така, на прес-конфе­ренцијата таа рече дека СЈО ги нема добиено материјалите за кои Љубе Бошкоски вели дека ги поседува во врска со местењето на случајот „Ровер”.
– За тие материјали дознавме денеска, заклучи Ристовска.

Останати вести