СЕ ПРОМОВИРА ВИНСКАТА ТРАДИЦИЈА НА БАЛКАНОТ
Македонија, земјите од поранешна Југославија, како и Грција, Албанија, Бугарија и Романија ја основаа асоцијацијата „Итер витис Балкан”, како балканска винска патека преку која ќе се афирмира нивното богато културно наследство и заедничката традиција во одгледувањето вински сорти и производството на вино.
Идејата за создавање на балканската винска патека на состанокот во Скопје ја поздравија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и Стефано Домениони, директор на Европскиот институт за културни рути на Советот на Европа, кои ја отворија конференцијата „Основање на ‘Итер витис Балкан’ – Можност за поврзување и економски развој”.
Оваа винска културна патека ќе стане една од 33-те културни патеки кои се сертифицирани од Советот на Европа. Тие минуваат низ многу земји на Европа и го промовираат заедничкото наследство на европските култури.
– „Итер витис Балкан” ќе ја интензивира нашата соработка, ќе го поттикне развојот на туризмот и ќе има економски бенефит за сите нејзини членки, истакна министерката за култура на РМ, Елизабета Канческа-Милевска.
Оваа асоцијација веќе оваа недела ќе биде законски регистрирана во РМ, а седиштето ќе и биде во Кавадарци.
Задоволство изрази и Виолета Јанкова, директор на „Тиквешки вински пат”.
– Како еден од директорите на винските патишта во Европа, можам да кажам дека успеавме да се избориме да се направат вински патишта како мрежа на Балканот. Со нив ќе се брендираат териториите на Балканот како земји од кои виното и винската култура се прошириле на територијата на Европа, што е малку познато и малку користено во брендирањето на виното и винската култура, рече Јанкова.