Иван Tрпоски добитник на наградата „Стојан Христов“ на струшките вечери на поезијата

На интернационалниот поетски фестивал во Струга на нашиот поет Иван Трпоски му беше врачена наградата „Стојан Христов” која традиционално се доделува на овој фестивал на најзаслужен поет од дијаспората.

Советот на СВП едногласно одлучи престижната награда „Стојан Христов” оваа година на 52-та поетска манифестација да му ја додели на поетот Иван Трпоски за неговата книга избор поезија „Угрејсонце во мојот сон” што влезе во конкуренција со уште десетина други книги од Македонци од дијаспората.

Наградата „Стојан Христов” на Иван му беше врачена на завршната програма „Мостови” на Дрим каде Иван настапи со своја поезија. Ова беше негов трет настап меѓу интернационални поети каде заслужено ги преставуваше сите поети од Австралија како преставник на Македонското литературно друштво „Григор Прличев”.

Инаку Иван Трпоски е најобјавуван поет и писател од дијаспората. Зад него има голем број објавени дела кои биле наградувани во Австралија и Македонија. Во 1995 година ја доби наградата „Иселеничка грамота”.

Иван е автор на делата: „Површински корења” (Сиднеј – 1985), „Големиот брод” (Скопје – 1988), „Оковано море” (Сиднеј – 1988), „Преселба на запад” (Сиднеј – 1990), поемата „Тодорка” (Скопје – 1995), „Свитило” (Сиднеј – 1999), „Меѓу две огништа” (Охрид – 1999), „Немирни ветрови” (Сиднеј – 2004), „Љубовна имагинација” (Сиднеј – 2004), „Зад синиот бран” (Штип – 2008), „Угрејсонце во мојот сон” (Сиднеј-Скопје 2013); на патописите: „По патот на сонцето во Македонија” (Сиднеј – 2000), и „Македонија моја татковина” (Сиднеј – 2002). Исто така тој е автор на книгата „Македонски демонстрации во Австралија” (Струга – 2004) и на биографскиот запис „Спасе Трпоски – живот и дело” (Струга – 2008).

Душан Ристевски

Фото: Иван Трпоски ја прима наградата „Стојан Христов” на манифестацијата „Мостови” на Струшките вечери на поезијата

Останати вести