Иванов и Мицковски не се согласуваат со Заев за „Илинденска Македонија“, Грците едногласно одбија

Предлогот “Република Илинденска Македонија” според премиерот Заев се уште е во игра – и покрај студениот туш од грчката влада, тој смета дека се уште има простор политичките партии во Грција да го променат мислењето.

Само еден час откако премиерот Заев по лидерската средба во Скопје изјави дека оваа опција може да биде решение за спорот, од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас беше испратено соопштение дека тоа е сепак неприфатливо за грчката страна.
Но, Заев ги предупреди Грците дека прифаќањето ерга омнес и уставни измени важат само за пакетот “Илинденска Македонија” а не и за било кое друго решение.
А и во Македонија опозицијата и Претседателот на Републиката се спротиставија на пакетот кој предвидува и уставни измени.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по лидерската средба категорично изјави дека тие категорично се против измена на Уставот заради промена на уставното име.
– ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот од минатото дека нема да поддржи промена на Уставот и на уставното име. Целиот процес се одвиваше тајно, загрозувани беа националните интереси на државата, целта е јасна влез во НАТО и во ЕУ, но траекторијата е ризична. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот. Денеска првпат бевме запознаени со предлогот што Зоран Заев и Никола Димитров го прифатиле. До овој момент нашиот став е непроменет и повторен во многу наврати во минатото – изјави Мицкоски.
Претседателот Ѓорге Иванов рече дека за да формира званичен став треба да добие во писмена форма што точно содржи македонскиот предлог што Заев му го дал на Алексис Ципрас во Софија. Истото тоа го побара и Антонио Милошоски, поранешниот шеф на дипломатијата и претседавач со собраниската Комисија за надворешни работи.
– Ставот на премиерот Заев беше дека идентитетските прашања остануваат непроменети, како што се сега во ОН, додека деновиве во едно интервју министерот за надворешни работи Димитров за јазикот кажа дека ќе биде македонски без превод, и гледаме дека или нема усогласеност или дека некој знае повеќе или дека нешто се крие од јавноста. Затоа ценам дека е добро да имаме писмен текст пред себе – рече Милошоски.
Ниту Иванов ниту Милошоски досега не го добиле во писме форма предлогот на Заев до Ципрас.
Најголемата опозициска партија во Грција, Нова Демократрија, обвини дека предлогот Илинденска Македонија е иредентистички и не може да биде прифатен под никакви околности.
– Во изминатите денови слушнавме и јас лично бев избрифиран, дека се разговара за име на Скопје, за името „Илинденска Македонија”. Значи, да разјасниме одредени прашања за оние кои се чини дека не ја познаваат добро нашата историја. Илинденското востание и името на Илинден се идентификуваат со македонскиот иредентизам, рече лидерот на Нова Демократија Киријакос Мицотакис.
Разговорите за името продолжуваат во Њу Јорк во на 24 и 25 мај. Се работи за однапред дефинирани термини. Грчкиот министер за надворешни Никос Коѕијас е неколку дена порано отиден во САД. Тој имаше средби со високи претставници на американската администрација но и со Генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш, со кои меѓу останатото разговара и за спорот за името.

 

Останати вести