Претседателот Ѓорге Иванов до денес, четврток (18 јануари) на полноќ требаше да го потпише Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците или да го врати назад во Собранието со или без забелешки.
Најверојатно нема да го стави својот потпис иако Собранието го донесе Законот за употреба на јазиците со 69 гласови “за” и плус со Бадентерово мнозинство.
Ставот во врска со овој закон Иванов многу прецизно го кажа за време на неговото редовно годишно обраќање во Парламентот, кога оцени дека “законот е неуставен и претставува закана по унитарноста на државата”. Неговата одлука за законот, појасни тогаш Иванов, се заснова врз направените консултации со стручни лица и академици а во врска со дадените писмени гаранции од Заев за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот, посочи Иванов, мора да биде во согласност со Уставот и усогласен со македонското законодавство.
Ако претседателот Иванов не го потпише указот за прогласување на законот, во тој случај, според членот 75 од Уставот на Република Македонија, Собранието во рок од 30 дена повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен го потпише Указот. Претседателот е должен да го потпише Указот и доколку законот е донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.