Иванов помилува 56-мина, рекордер е Јанакиески со 16 помилувања

Претседателот Ѓорге Иванов на 12 април потпишал (и истиот ден беа обајвени во “Службен весник”) 41 одлука со која се помилувани вкупно 56 лица, дел од нив и по повеќе пати.

Рекордер е екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со 16 помилувања. Следува екс-министерката Гордана Јанкуловска за која Иванов потпишал дури 13. Сашо Мијалков има 6 помилувања, а Никола Груевски и Мартин Протоѓер имаат по пет. Веднаш зад нив е секретарот на Владата Кирил Божиновски со четири помилувања, па директорот на Петтата управа Горан Грујевски со три помилувања. Последни на листата со повеќе од едно помилување (по две) се претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, поранешниот директор на бирото за јавна безбедност Љупчо Тодоровски-Радникот, претседателот на СДСМ Зоран Заев и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски.
За одбележување е тоа што Иванов ги помилувал Зоран Верушевски (за пиштолот) и Зоран Заев за “Поткуп”, но меѓу помилуваните не се наоѓа синот на Верушевски обвинет за детска порнографија.
Затоа, пак, на листата за помилувани се лидерот на ДПА Мендух Тачи и Бедредин Ибраими, член на ДИК од истата партија.
Инаку, на листата за помилување на Иванов има од политичари, преку судии, специјални обвинители, градоначалници, па се до директори, сопственици на портали, членови на општински комисии и службеници.
Меѓу звучните имиња на сегашни и поранешни функционери се најдоа и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, поранешниот претседател на Република Македонија и екс-лидер на СДСМ Бранко Црвенковски, градоначалниците: на Скопје Коце Трајановски, на Битола Владимир Талевски, на албански Пустец Едмон Темелко, на Гази Баба Тони Трајковски, но и поранешниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ. Меѓу помилуваните се и имињата на тројца специјални обвинители: Фатиме Фетаи, Лиле Стефановска и Гаврил Бубевски. Потоа директорот на затворот Идризово Живко Пејковски како и поранешниот шеф на обезбедувањето на Груевски, Дејан Митровски – Урко. Помилуван е и Мунир Пепиќ, вработен во Агенцијата за разузнавање, на јавноста и стана познат како осомничен за фалсификување на лични документи заедно со Исмет Гури од Општинската изборна комисија во Чаир (двајцата осомничен во акцијата на специјалното обвинителство “Титаник”).
Меѓу помилуваните се и осомничените во “Пуч” Соња Верушевска (сопругата на поранешниот разузнавач), Ѓорѓи Лазаревски поранешен техничар во УБК осомничен дека му помагал на Зоран Верушевски, како и Бранко Палифров службеник во општина Струмица. Не помалку интересни за јавноста се и Светлана Костова, судијка во Вишиот управен суд како и израелскиот државјанин Хаим Хакијни (нив двајцата при објавувањето на прислушкуваните разговори, опозицијата ги посочи како вклучени во набавката на израелската опрема за прислушување). Интересно е што меѓу помилуваните е и Божидар Јанковски попознат како Бобо Дајнерс, сопругот на заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска.
Меѓу помилуваните најмногу има вработени во МВР – тука се Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и Анета Станчевска, помошник министер за внатрешна контрола во МВР, потоа Киро Тодоровски екс-шеф на кабинет на Гордана Јанкуловска и Надица Велевска, службеник во одделот за издавање за државјанства. Ивица Анчевски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Горанчо Тодев, Метуш Шабани, Новица Станковски – сите припадници на специјалната единица “алфи”, а осомничени во случајот “Тортура” кој го отвори СЈО за апсењето на Љубе Бошковски.
Меѓу помилуваните се Мирослав Јовановиќ и Жарко Луковски, првиот е директор во Телеком а вториот Т-мобиле.
Помилуван е и Ристо Новачевски, кумот при првиот брак на Никола Груевски кој е поврзан со аферата плацеви на Водно, како и Тодор Мирчевски, директорот на оф-шор фирмата „Ексико”, потоа Коста Крпач – академски сликар и сопственик на веб-порталот „Нетпрес”, па Владислав Стајковиќ, сопственик на фирмата НВСП (“Радио Слободна Македонија” и неделникот “Република”) и директорот на таа фирма Христијан Панев. Коста Митровски е исто така помилуван а тој во 2011 раководел со Општинската изборна комисија во Центар. На листата на Иванов се наоѓаат и имињата на Тони Јакимовски и Валентина Симоновска.
За најголем дел од помилуваните луѓе јавноста слушна во таканаречените “бомби” кои ги презентираше опозицијата во изминатата година, а дел од нив веќе се најдоа и на листата осомничени од СЈО. Сепак дел од помилуваните до сега не се споменати ниту во “бомбите” ниту во истрагите на Катица Јанева. Зошто претседателот ги помилувал за сега нема одговор од неговиот кабинет. Исто така од таму не одговараат ниту зошто не се помилувани осомничените во случаите “Маѓар Телеком”, “Шпион” и “Ровер”, случаи кои ги презеде СЈО.

Останати вести