Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на гала-вечера организирана од македонската дијаспора во Детроит истакна дека ќе го бојкотира референдумот на 30 септември.
– Што се однесува до мене, јас веќе гласав пред 27 години, на 8 септември 1991 година. Не отстапувам од мојата одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, рече Иванов.
Тој истакна оти од народот добил доверба со цел да не дозволи промена на Уставот за промена на уставното име.
Иванов потсети дека согласно Член 7, став 3 од Законот за референдум, никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум. Секој граѓанин, рече Иванов, има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.
Тој порача дека во согласност со Уставот, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.
– Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте некој друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост, истакна македонскиот претседател.
Иванов се заблагодари за сета досегашна поддршка од дијаспората и изрази верување дека и во овој период на предизвици дијаспората ќе ја искористи секоја можност за да и помогне на Македонија. Во обраќањето шефот на државата уште еднаш го реафирмираше својот став дека спогодбата со Грција е штетна и поразителна за Република Македонија и дека решението што им се нуди на македонските граѓани на референдум е донесено без национален консензус, спротивно на досега изградените државни позиции и без негово знаење и согласност.
– Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет. Ниеден политичар нема мандат да преговара за идентитетот на еден народ. Мнозинството македонски граѓани не гласале за програма во која е предвидена промена на Уставот на Република Македонија заради промена на уставното име на државата. Па така, ниту актуелната влада не добила мандат од народот ниту од гласачите за промена на идентитетот, за откажување од дијаспората, за губење на историјата и паметењето, порача претседателот Иванов.
Тој додаде дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО.
– И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам, рече претседателот.
На гала-вечерта во организација на Обединетата македонска дијаспора на претседателот Иванов му беше доделено највисокото признание „Глобален државник”, а на истата присуствуваа и конгресмените на САД, Пол Мичел и Деби Дингел.
Иванов е речиси една недела во посета на Соединетите Американски Држави, каде што денес (27 септември) треба да одржи говор пред Генералното собрание на Обединетите нации.