Со целосното укинување на аболицијата се амортизираше конфликтот во Собранието каде СДСМ и ДУИ бараат импичмент на претседателот Иванов, како и автентично толкување на Законот за помилување, што ќе покаже дека членот 11 (на кој беше заснована аболицијата) воопшто не постои уште од 2009 година.
Претседателот Ѓорѓе Иванов во понеделникот доцна попладнето објави дека ги поништил сите преостанати одлуки за помилување. Тој на 12 април помилува вкупно 56 лица, некои и повеќекратно (на пример Миле Јанакиески 17 пати, Гордана Јанкулоска 13 пати, Никола Груевски 5 пати…).
Поради реакциите во јавноста и откако Собранието донесе измени на Законот за помилување, Иванов ги повлече аболициите за 22 политички експонирани лица. За останатите 33 (плус починатиот Крпач) беше категоричен дека треба самите писмено да побараат од него да им ги укине аболициите. Тие имаа рок најдоцна до 18 јуни да го сторат тоа, инаку им остануваат помилувањата.
Иванов не го дочека последниот рок, ами со писмено соопштение од Кабинетот на Претседателот објави:
“Почитувани граѓани на Република Македонија,
Изминаа десет дена откако донесов одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за вкупно дваесет и двајца политички експонирани лица. Оттогаш, сите други лица, согласно законските измени, имаа можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување.
Меѓутоа и покрај декларативните најави на дел од нив во јавноста дека ќе го сторат тоа, досега ниту еден од помилуваните не поднесе барање за поништување на одлуките за нивно помилување.
Во овие десет дена бевме сведоци на различни толкувања на оваа одлука на поларизираната политичка сцена и обиди да се освојат ситни дневно – политички поени преку оваа одлука за која како и тогаш, така и сега сум уверен дека ќе придонесе за национално помирување и ќе понуди излез од политичката криза во Република Македонија.
Поради ова, денеска донесов одлука да ги поништам и преостанатите одлуки за помилување кои ги донесов на 12 април. На крајот, уште еднаш ќе потсетам дека за разлика од 12 април, денеска имаме нова реалност во Македонија. Во услови на надворешни закани и безбедносни ризици, имаме функционални институции, кои можат да се справат со предизвиците”, стои во соопштението.
Претседателот Иванов не се појави пред јавноста.
Хан му се “изнатвита” на Иванов од радост и повика на да продолжат преговорите
Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, преку својот твитер-профил ја поздрави одлуката на претседателот Ѓорге Иванов целосно да ја поништи аболицијата на сите 56 политичари и нивни соработници и ги повика лидерите на партиите потписнички на Договорот од Пржино да се вратат назад на преговарачката маса.
„Поранешна Југословенска Република Македонија: Добредојдена одлуката на претседателот Иванов конечно да ги повлече сите помилувања. Ова овозможува правдата повторно да продолжи со својот тек и Специјалното јавно обвинителство да продолжи со важната работа. Премногу време се изгуби во последната година. Политичките лидери мора да се вратат назад на маса и да обезбедат целосна имплементација на нивниот Договор од Пржино, вклучувајќи ги и реформските приоритети”, напиша Хан.