ИВАНОВ ВО ОН: Јас сум Македонец и сакам сите да нè почитуваат како Македонци

Ципрас: Грција не го менува ставот околу името, Македонија бара почитување на меѓународното право
Грција не отстапува од црвените линии во спорот со името, потврди во Њујорк грчкиот премиер Алексис Ципрас во говорот пред Генералното собрание на Обединетите нации.

„Во однос на прашањето за името за поранешната југословенска Република Македонија, ние продолжуваме да поддржуваме наоѓање заеднички прифатливо сложено име со географска одредница за севкупна употреба – ерга омнес. Поттикнавме мерки за градење доверба кои целат кон засилување на довербата и на прекуграничната соработка во овој клучен период,” изјави грчкиот премиер Ципрас.
Мерките за градење доверба биле тема на дискусија на средбата меѓу Ципрас и генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун и посредникот во спорот меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц. На средбата Ципрас потврдил дека Грција останува на својот став, дополнувајќи дека мерките за градење доверба придонесуваат за одржување на стабилноста во поширокиот регион.
Шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски во Њујорк имаше средба со неговиот грчки колега Никос Коѕијас и во неговата изјава посочи дека на средбите постојано се работи на мерките за доверба, штом нема простор за решавање на спорот за името.
„Мислам дека имаме постигнато некое ниво на разбирање дека услови во кои постои едно прашање кое е многу сериозен проблем и во кое имаме сериозно разидување и различни ставови, најдобро е да се концентрираме на сите останати теми кои не поврзуваат и за кои и Македонија и Грција имаат заеднички стратегиски интереси и заеднички гледаат кон иднината,” изјави Попоски по средбата со Коѕијас.
И македонскиот претседател Ѓорге Иванов имаше обраќање пред Генералното собрание на ОН. Во својот говор тој изјави дека решението треба да се бара во рамките на Времената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
“Јас сум Македонец, моите сограѓани се Македонци и од оваа говорница ви се обраќам на македонски јазик. Бараме сите да не почитуваат како Македонци, како што ние го почитуваме правото на сите да се идентификуваат така како што се чувствуваат. Како што ние, на сите им го почитуваме правото на самоидентификација и човеково достоинство, бараме истото да се однесува и на нас. Сакаме како Македонци да соработуваме и да имаме најдобри односи со сите наши соседи”, порача Ѓорѓе Иванов.
„Деновиве од устите на многу државници, тука, од ова место, ќе слушнете за неопходноста од почитување на меѓународното право. Но, исто така, многумина по заминувањето од ова место ќе заборават на она на кое повикуваат. Постои пресудата од Меѓународниот суд на правдата во спорот меѓу Македонија и Грција, донесена уште пред 5 години – на неа потсетив и пред 2 години од оваа говорница. Но, пресудата до ден денес не е испочитувана. Ова е еден од школските примери за неефикасноста на нашата светска организација,” изјави Иванов.
Заедно со примерок од говорот на претседателот Иванов, до сите учесници на 71. ГС на ОН беше дистрибуиран и документ со преглед од најважните поенти од Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг од 5 декември 2011 година.
Иванов: Македонија придонесе за безбедноста на Европа
Горд сум што како врховен командант, со субјектите на кризниот менаџмент, со навремена реакција успеавме да ја заштитиме националната безбедност на Република Македонија, рече претседателот Иванов пред генералното собрание на ОН говорејќи за мигрантската и бегалска криза.
“Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Спречувајќи ја илегалната миграција, Република Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа. Европа веќе се соочува со вториот, помасовен бран. Повеќе од 20 милиони мигранти и бегалци од Азија и од Африка се наоѓаат во близина на надворешните граници на Европа. Во наредните години и децении милиони мигранти ќе се обидуваат да дојдат на европскиот континент. Република Македонија ја спречува илегалната миграција која доаѓа од земја-членка на ЕУ. Унијата мора да изнајде начини и механизми да ги заштити границите, да ги обезбеди коридорите, а оние мигранти и бегалци кои ќе ги прими, да ги интегрира, без притоа да ги асимилира”, рече претседателот Иванов.
“Балканските држави наивно веруваа дека некој од надвор ќе им ги реши проблемите. ЕУ очигледно ја нема таа моќ”, заклучи Иванов.
Министерот Попоски пак, на средба со високата претставничка на Европската унија, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан изразил загриженост за размислувањата да се воведат парични такси и претходно пријавување за патување низ ЕУ за државјани на земји кои имаат безвизен патен режим. Могерини и Хан одговориле дека ваква мерка сè уште не е договорена.

Средба со Oбама, потврдено стратешкото пријателство

Иванов во Њујорк имаше краток неформален разговор со американскиот претседател Барак Обама кој ја потврдил поддршката на САД за стратешките цели на Македонија. Освен со Обама, шефот на државата се сретнал на билатерални средби и со претседателите на Европскиот Совет, на Полска, на Египет, јорданскиот крал и норвешкиот премиер.

Останати вести