Претседателот Ѓорге Иванов не ги потпишува указите за стапување на сила на 11 закони кои го носат новото име на државата – Република Северна Македонија и тие се вратени во Собранието.
Најпрво биле вратени шест закони усвоени во февруари, а потоа и уште 5 закони од две седници одржани во овој месец.
Во образложението Иванов навел дека указите не ги потпишал бидејќи во извршувањето на функцијата секогаш постапувал согласно дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и ќе ги брани интересите на Република Македонија.
Законите кои не сака да ги потпише претседателот Ѓорге Иванов се:
– Закон за изменување на Законот за оперативно-техничка агенција,
– Закон за ратификација на спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образованието, науката, културата, мас медиумите, млади и спорт,
– Закон за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија,
– Закон за изменување и дополнување на Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица,
– Закон за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации
– Закон за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории.
– Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот за додаде вредност,
– Закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост,
– Закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој-Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан,
– Закон за изменување и дополнување на Закон за изменување и дополнување на Закон за изменување и дополнување на Закон за субвенционирање на станбен кредит,
– Закон за изменување и дополнување на Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Но Иванов одбива да потпише и уште три закона кои се донесени со двотретинско мнозинство (80 гласа) кои е инаку должен веднаш да ги потпише и не може да ги враќа:
– Закон за изменување и дополнување на Закон за судовите
– Закон за прекршоците и
– Закон за управните спорови.
Претседателот Иванов претходно не го потпиша и указот за Преспанскиот договор и Законот за јазиците и покрај тоа што пратениците го усвоија по втор пат.
Деловникот на Собранието пропишува дека доколку претседателот на државата одлучи да не го потпише указот за прогласување на некој закон, тогаш Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање во рок од 30 дена од денот на првото донесување на законот. По повторното усвојување на законот претседателот на државата е должен да го потпише неговиот указ.