Малата Изабела Димовски го освојува козметичкиот пазар во Австралија

Имав само осум години кога го почнав бизнисот, па во тоа време не мислев дека нешто е невозможно, само работев нешто што навистина сакав да го правам и сега се држам до тоа, вели Изабела Дималовски – Изи (14), која поседува сопствена козметичка линија Luv Ur Skin.

Македонката Изабела Дималовски – Изи (14) е најмладиот учесник во австралиската верзија на светски познатото телевизиско-претприемачко шоу „Шарк тенк”, во кое бизнисмени ги оценуваат бизнис-предлозите на учесниците, од кои најиновативните добиваат можност својата бизнис-идеја да ја реализираат со менторство и пари на тајкуните. Иако не ја добила поддршката од ајкулите од резервоарот, Дималовски е најмладата бизнис-икона во Мелбурн која веќе поседува сопствена козметичка линија Luv Ur Skin, што ја создала кога имала само осум години.
Таа сопствениот сон го претворила во реалност во 2008 година кога почнала да произведува органски козметички производи за нега на кожата и сигурно чекори кон успехот во Австралија. Но таа сака да ги искористи можностите за да ја прошири продажната мрежа во Европа. Kолекцијата Luv Ur Skin може да се нарача и онлајн и вклучуваа спектар на природни производи, особено погодни за женска кожа и која ги охрабрува девојките да развиваат здрави животни навики така што би научиле да се грижат за своите кожа и тело како што растат, а забавувајќи се додека го прават тоа.
– Навистина верувам дека сè е можно ако имате страст. Ако верувате во она што го правите, може да постигнете големи работи. Имав само осум години кога почнав, па во тоа време не мислев дека нешто е невозможно, само почнав да работам нешто што навистина сакав да го направам и сега се држам до тоа. Сепак, беше потребно долго време и многу напорна работа и многу часови за да дојдам до оваа точка. Имав голема поддршка од моето семејство, а како дете не можев ништо да направам без нив. Тие ми помагаа со закажувањето на состаноците, ми овозможија контакти со вистинските доставувачи и луѓе од маркетингот со кои бев во можност да работам за да се случи сè ова – вели Изи. Таа од мала танцувала и одела на концерти, па морала да се шминка, но мајка и не и дозволувала да ги користи нејзините производи за чистење на лицето бидејќи содржеле хемикалии премногу груби за детската кожа.
– Таа ми велеше да користам бебешки производи, кои, нормално, не сакав да ги користам оти не сум бебе, па таа по една мала расправија ми рече да си направам сопствена козметика, но не мислејќи дека ќе ја сфатам сериозно. Тогаш побарав помош од некои хемичари, пријатели на мајка ми, кои ми помогнаа да ја формулирам првата серија производи. Мислам дека пазарот не нуди многу производи за луѓе на моја возраст. Има многу брендови што прават облека и производи за бебиња и мали деца, а потоа одат директно на тинејџерите заборавајќи дека постои група на возраст од 8 до 14 години за која исто така треба да бидат создадени посебни производи – вели Изи.
Линијата Luv Ur Skin содржи голем број природни производи за нега на кожата и козметички производи кои се безбедни за сите типови кожа.
– Навистина е тешко да се произведуваат овие производи бидејќи мора да бидете сигурни дека ќе добиете вистинска рамнотежа на состојките. Во исто време производите треба да бидат достапни за децата и нивните семејства, а бидејќи поскапо е да се користат природни состојки наместо хемикалии, затоа е тешко да се добие таков производ и е потребно долго време – вели Изи.
Основна компонента на производите на Luv Ur Skin е плантолинот, екстракт од австралиската билка Centipeda Cunningamii, позната како старечки плевел.
– Плантолинот е научно тестиран дека е безбеден и ефикасен за нега на кожата. Придобивките од ова растение е дека има антивоспалителни и антиоксидантни својства, што значи дека ~ помага на кожата да остане смирена и ја заштитува од надворешни фактори – вели Изи.
Luv Ur Skin
и во Македонија?
– Се надевам дека наскоро моите производи ќе бидат достапни и во Европа за што веќе преговарам со неколку компании. Се надевам дека линијата Luv Ur Skin еден ден ќе се продава и во Македонија, што ќе биде навистина чудесно. На младите и на сите можам да им порачам да не се откажуваат од своите соништа. Тоа е тешка работа и ќе имате многу предизвици на патот, но треба да се учи од грешките и да продолжите зашто ако верувате во себе, тогаш и другите ќе почнат да веруваат во вас – вели Изи.
Таа исто така развила линија модни додатоци на брендот Luv Ur Skin – лак за нокти кој свети во темно, како и силиконски врвки за чевли што не треба да се врзуваат.

“Дневник”

Останати вести