Избегнат инцидент на судењето за „Монструм“

Тензично завршило минатонеделното рочиште за случајот “Монструм” – петкратното убиство извршено во 2012 година кај Смилковско Езеро. Петнаесетина минути траела вербалната расправија меѓу адвокатите и обвинетите, од една страна, и обвинителката Фатиме Фетаи и роднините на убиените од друга страна.

Да не се вмешал судечкиот судија и судската полиција кои ги смирувале двете страни, расправијата за „влакно” ќе прераснела во турканица, сведочат присутните.
Расправијата започнала кога роднина на едно од убиените момчиња упатил прашање зошто обвинетиот Фејзи Азири, кој е во затвор за друго дело, во суд дошол без полициска придружба.
Посочениот Азири извадил документ и го покажал дека користи седум дена слободни, по што реагирале адвокатите на обвинетите дека имаат уште сведоци за испрашување.
По нивниот став, уследила реакција и на роднините на жртвите дека случајот намерно се одолговлекува и никако да има завршница.
Наспроти нив еден роднина на обвинетите со рака вперена кон роднините на жртвите рекол: „Зошто тие не кажат дека зеле по 70.000 евра”, што уште толку ја вжештило напната сутуација, по што се „делеле” разни навреди.
За среќа, надвладеала смиреноста кај останатие присутни, па ги смирувале страстите кај нервозните странки во случајот. За петкратното убиство кое се случи на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и средовечниот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” беше вратен на повторно судење.
Со згаснувањето на СЈО, предметот го презеде Јавното обвинителство.
Повторувањето на предметот го води судиската двојка Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинението го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Останати вести