Заврши активната регистрација – 30,502 гласачи ќе бидат „симнати“ од Избирачкиот список

Приказната со спорните над 39 илјади гласачи е чисто политичка “монета за поткусурување” – за СДСМ да докаже дека навистина има проблем со Избирачкиот список, а за ВМРО-ДПМНЕ да покаже оти е подготвена да прави компромиси за да се случат изборите (ама во строго контролиран обем).

Лага е дека на било кој државјанин на Република Македонија може да му се одземе правото на глас. Ниту пак некому може да му се одземе македонското државјанството (вели Уставот). Од сите “кризирања” околу таканаречените “фантоми” во ИС, на крајот ќе се дојде до една бројка на запишани гласачи кои само ќе бидат ставени на посебен список (на “стенд бај”). Имено, дури и оние кои на овој јавен повик сега не се јавија за да потврдат дека постојат, тоа ќе можат да го сторат непосредно пред самите избори – кога Избирачкиот список се става на јавен увид. Тогаш вообичаено во него се впишуваат сите кои од било каква причина биле “прескокнати”
Повеќе од 30 илјади гласачи не се пријавија до ДИК заклучно со рокот (19 август) за да го потврдат гласачкото право. Од “сомнителните” 39,484 во законскиот рок се пријавиле само 8,922 граѓани. Најголем број од оние што ќе бидат избришани се етнички Албанци од Чаир, Тетово, Скопје и Кичево. Досега не е одбиена ниедна пријава, а ДИК со детален извештај ќе излезе во текот на неделава.
Според Уставот на РМ не постои можност на македонски државјканин да му се одземе државјанството, а по Законот за избори право на глас има секој полнолетен државјанин на РМ. Оттаму, и овие над 30 илјади “спорни” гласачи практично ќе бидат само извадени од Избирачкиот список а од ДИК повторуваат дека сите тие нова можност за пријавување ќе имаат непосредно пред изборите (во текот на јавниот увид, кој ќе почне десет дена по распишување на изборите и ќе трае 15 дена).
Што е спорно со спорните гласачи?
Процесот на дополнителна проверка на дел од гласачите е еден од услувите врз основа на кои лидерите на 4-те најголеми партии на 31 август ќе треба да одлучат дали ќе има избори до крајот на годинава.
Големиот број “спорни” граѓани од ИС отворија повеќе дилеми во врска со овој процес. Сведоци бевме на случаи во кои граѓани, пред сè јавни личности, најавија дека нема да се пријават поради револт оти се нашле на тој “сомнителен список”. Една од нив беше и професорката Мирјана Најчевска, која изјави дека докрај останува на својата одлука, а на својот блог ги образложи и причините за тоа.
– Немам намера да се пријавам и сметам дека ако бидам избришана од Избирачкиот список тоа ќе биде кршење на Уставот, на меѓународните конвенции, како и на домашното законодавство. Тоа претставува кривично дело за кое следува затвор од пет години. Ако се случи тоа, јас ќе поднесам кривична пријава против сите членови на ДИК – повтори деновиве Најчевска.
Професорот Лазар Лазаров исто така смета дека овие гласачи не смеат да бидат избришани.
– Законско право на секој граѓанин е да може да избира и да биде избиран. Тоа право не може никој да му го оспори, со никаков партиски договор или процес на чистење на списокот. Без разлика дали станува збор за познати личности, како тие што излегоа во јавноста, или анонимни личности што изразуваат револт, или за непознати личности што можеби никогаш не гласаат. Тоа им е загарантирано и според европското и според нашето право. Ако се одржат избори со список на кој ќе ги нема сите граѓани со право на глас, тоа ќе значи дека се прекршил законот. Мислам дека тоа што познати интелектуалци и активисти против политиките на Владата беа ставени на списокот на сомнителни е обид за провокација – објаснува Лазаров.
Тој порачува дека е потребна темелна истрага, но во две насоки.
– Треба да има истрага, но таа е можна само по изборите. Ќе треба да се истражи дали навистина тие луѓе не постојат и ако е тоа случај, како се нашле на Избирачкиот список – дали поради административни грешки или намерно биле вметнати таму? Но истрагата ќе треба да опфати и како некои се нашле на списокот на сомнителни ако правото на глас не им е спорно, дали и тука имало некаква намера – додава Лазаров.
Сепак, долгогодишниот член на ДИК Бедредин Ибраими истакнува дека Комисијата ќе нема таква задача.
– Со непријавените нема да се преземе ништо, едноставно ќе се отстранат од списокот и ќе имаат можност во рамките на подготовките на изборите, кога ќе трае јавниот увид, повторно да се впишат. Ако не го сторат тоа, нема да може да гласаат, така е според сегашното законско решение и така ќе се постапи – вели Ибраими.

ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ЗА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ СО ОКОЛУ 1.78 МИЛИОНА ГЛАСАЧИ

Манипулација се најавите од СДСМ со бројките во Избирачкиот список. Партискиот потпретседател Дамјан Манчевски завчера повтори дека се покажало оти наводно во Македонија нема повеќе од 1,5 милиони гласачи, констатира провладиниот портал “Курир”.
„Да не ги забораваме и дополнителните 172.000 гласачи коишто според анализите на бази на податоците не се во моментов во Македонија, не наведува до клучниот заклучок, дека во Македонија нема повеќе од 1.500.000 гласачи, она што цело време го тврдиме,” – изјави Манчевски.
Сепак, треба да се знае дека оние 172.000 гласачи кои ќе бидат ставени на посебен избирачки список, не го загубат правото на глас, каков што ќе биде случајот и со околу 30.000 кои не се пријавија со активната регистрација. Во такви услови се очекува Избирачки список кој ќе брои 1.78 милиони гласачи, што значи дека ќе биде идентичен со оној од изборите во 2014 година.
Дали во Македонија моментно живеат само 1.5 милиони граѓани според експертите е небитно прашање кога станува збор за изборниот процес, констатира “Курир”, бидејќи на избори гласаат оние кои имаат најмалку 18 години, македонско државјанство и важечки лични документи, без разлика каде живеат.
Од друга страна, во последните изборни процеси во земјата гласаат околу 1,1 милиони граѓани, или нешто над 60% од вкупниот број регистрирани гласачи на избирачкиот список, што според експертите е сосема нормална бројка за условите, особено ако се знае во каква електризирана атмосфера поминува секој предизборен период и каква поларизација постои меѓу граѓаните.

Останати вести