На парламентарните избори во Австралија, на кои гласаа 15,6 милиони гласачи, владејачката Либерално-национална коалиција на чело со прајминистерот Малком Трнбул се очекува дека ќе освои 74 пратенички места, две помалку од потребните 76 за мнозинство во 150-члениот парламент.
Попрецизни резултати ќе се знаат во вторник после пребројување на повеќе од еден милион поштенски гласови, со посебен акцент во местата каде разликата помеѓу двете партии е многу мала. Во Австралија законот вели дека сите поштенски гласови што се добиени во Австралиската изборна комисија до 13 денови од изборите се бројат и запишуваат во конечниот број. Обично гласачите по пошта историски во мнозинство се наклонети кон Либералите.
Лабуристите со лидерот на опозицијата Бил Шортен се очекува дека ќе обезбедат околу 70 места во парламентот. По едно место освоија партијата на Зелените, тимот на Ник Зенофон, Картерс Австралиска партија и уште два независни кандидати. Останува да се дефинираат победниците во местата каде премногу блиску се резултатите за прогласување победник, и доколку има жалби да се изврши пребројување.
Кога ќе се соберат конечните резултати може да имаме ситуација без јасен мандат, а можна е опцијата да се создаде и малцинска влада со собирање на останатите мали партии и независни пратеници.
Австралискиот прајминистер Малком Трнбул во говорот после изборите изрази уверување дека неговата коалиција ќе добие мнозинство во парламентот и дека ќе успее да формира нова влада. Во неделата веќе тој направил телефонски разговори со неколкумина независни пратеници на кои им го честитал изборот.
Лидерот на Лабуристите Бил Шортон од друга страна рече: “Едно можам да кажам сигурно – Лабуристичката партија се врати”. Во 2013 година неговата партија доби само 55 места во парламентот. Главните теми на предизборната кампања кај двете партии беа економските прашања, здравството, имиграцијата и истополовите бракови.
После овие резултати најголемиот губитник е Малколм Трнбул, кој ги свика изборите за Парламентот и Сенатот бидејќи му беа блокирани реформите. Сега доколку успее да оствари тенко мнозинство во Парламентот ќе има уште понеповолен распоред во Сенатот.
Во претходниот состав на Долниот дом Либерално-национална коалиција имаше 88 места, а Лабуристите – 55.
Балансот на моќта во Сенатот сега го преземаат Зелената партија, тимот на сенаторот Ник Зенофон, како и партијата на крајната десница “Една нација” предводена од Полин Хенсон, позната по својата противимигрантска и противмуслиманска политика.
Големиот пријател на Македонците, пратеникот Лук Симпкинс во изборната единица Кован во Западна Австралија се бори за задржување на место зад кандидатката на Лабуристите Али Ен, која води со мала разлика. Тој тоа место го држи од 2007 година, и беше најгласниот политичар што бараше признавање на Македонија под уставното име.

