Датум за избори ќе има само кога ќе одобри Комисијата за заразни болести. Сите предлози се даваат врз основа на стручни аргументи, анализа на вкупниот број и бројот на новодијагностицирани пациенти.
Ова на својот фејсбук профил го напиша министерот за здравство Венко Филипче, со што времено ги расчисти дилемите кои ги отворија двете најголеми ривалски политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Од партиите велат дека во моментов на прво место е здравјето на граѓаните кое е под закана од коронавирусот. Но од СДСМ се почесто се слуша неофицијално дека ќе се туркаа датум за избори во јуни. Од ВМРО-ДПМНЕ сакаат изборите да бидат што е можно подоцна.
За потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски, одржувањето на парламентарните избори сега воопшто не им е во приоритет.
– Нечовечки е и недостоинствено тоа што го прави СДСМ во овој момент. Луѓе секојдневно заболуваат од корона вирус, умираат, а тие да зборуваат за избори. Така што ова однесување е надвор од секоја пристојност, истакна Александар Николовски.
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, на прес-конференција истакна дека изборите ќе се одржат во прва прилика кога здравството и епидемиолозите ќе кажат дека е безбедно.
Според ДУИ изборите треба да се одржат како предвидуваат законските рокови, додека пак Алијансата на Албанците предлага одржување на избори во јули.