Избори на 5 јуни? Сè уште можеби да – најверојатно не

Интензивно се преговара барем пред 11 мај да се дојде до ново решение, тоа е денот до кога се пријавуваат кандидатските листи за изборите. СДСМ бара одложување на изборите за 4 месеца.

Освен СДСМ и партиите на Али Ахмети и Мендух Тачи нема да одат на изборите закажани за 5 јуни. Тоа стана јасно откако тие го пропуштија рокот на 5 мај да поднесат до ДИК листи на свои претставници во избирачките одбори. Таква листа со 3,000 имиња (за вкупно околу 3,500 гласачки места) достави единствено ВМРО-ДПМНЕ. Изборниот законик предвидува двајца од пет членови на избирачката комисија на секое гласачко место да се избираат од редовите на најголемите политички партии на власт и во опозиција, но и во зависност од етничкиот состав на населението на избирачкото место. Според изборните правила, местата наменети за партиски претставници во избирачките одбори ДИК ќе ги пополни со лица од државната администрација (компјутерски одредени), но сега станува јасно дека најверојатно избори на 5 јуни воопшто нема да има.
Ниту ДУИ ниту ДПА официјално не излегоа со соопштенија дека ќе ги бојкотираат изборите на овој термин, меѓутоа експлицитно тоа го покажаа. Од таборите на сите четири партии (вклучувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) се дознава дека во текот на минатата седмица многу интензивно се одвивале преговори со посредство на амбасадорите Аиво Орав и Џес Бејли. Истовремено и официјален Берлин објави дека наименувал свој директен посредник во овие преговори (актуелниот германски амбасадор во Виена). Со писмо во кое забележува дека нема услови за кредибилни избори се јави и министерот за надворешни работи на Холандија (како земја-претседавач со ЕУ).
Дали и колку имале успех билатерални преговори на тимовите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би требало да видиме веќе оваа седмица, бидејќи на 11 мај истекува рокот за пријавување на кандидатските листи за пратеници. Тоа е последниот рок до кој може да се пријават учесниците на закажаните избори.
ВМРО-ДПМНЕ е спремна за избори и најверојатно ќе биде единствената од четирите големи партии која ќе го испочитува овој рок. Освен нејзината коалиција, се очекува уште само ГРОМ да пријави свои листи. Сите други партии ќе ги бојкотираат изборите, доколку во меѓувреме не се најде друго решение.
СДСМ, пак, упорно стои на ставот дека решение за политичката криза не може да се бара доколку претходно не се повлече аболицијата и Собранието не ги одложи изборите.
ДУИ и ДПА, како што се очекуваше, играат онака како што “им свират” Американците. Официјалниот став на ДУИ е дека кризата може да се реши само преку избори, а кога тие ќе се случат – да се договори со консензус.
Всушност, избори со консензус е генералниот став на сите четири партии. Разликата е во тоа што ВМРО-ДПМНЕ ги сака изборите на 5 јуни за што поскоро да ја докаже својата доминација кај гласачите, додека СДСМ тврди дека се изиграни сите предуслови за нивна кредибилност. Од ВМРО-ДПМНЕ создаваат атмосфера дека странците постојано им пречат да го победат СДСМ, додека вториве само во меѓународното посредништво гледаат гаранција за борба со актуелниот “криминален режим”.
Во македонската јавност и натаму се продлабочува поделеноста: секојдневно во десетина градови се одржуваат протести и контрапротести – едните организирани од граѓанската инцијатива #Протестирам (поддржани од СДСМ) а вторите од граѓанската иницијатива на ГДОМ (членството на ВМРО-ДПМНЕ).
Можно ли е одложување на изборите?
Според неофицијалните информации кои пробија до јавноста, од ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека не можат да одат сами на избори, зашто тоа само ќе ја продлабочи кризата. Затоа и преговараат, а на маса пред четирите партии се неколку можни излезни решенија. Главното е како да се одложат изборите а тоа да не биде целосно фијаско на досегашната политика. Наводно се разгледува варијантата за формирање влада на широка коалиција (зад која ќе застанат ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА) со прецизна агенда и мандат најдоцна до април 2018 година, кога се редовните парламентарни избори. Новата Влада би требало да ги овозможи условите за фер и веродостоен изборен процес. Тоа би значело Собранието да го поништи решението за самораспуштање и да ги одложи изборите на 5 јуни.
Законски Собранието може повторно да заседава, а изборите да се поништат дури и ако Уставниот суд ја прогласи за неуставна одлуката за одложено распишување на изборите. И според Изборниот закон прекршен е членот 12 кој бара од распишувањето на изборите до денот на нивното одржување да има најмалку 70 дена (во случајов тоа беше направено на само 50 дена). Но поголем проблем сега претставува што треба да се поништи и аболицијата од претседателот Иванов – тука треба самиот да објави дека направил “техничка грешка” зашто, иако таа нема законска основа, во државата не постои правен механизам таа поинаку да се собори.
Лага ли е дека се спрема Албанец за премиер?
Но, наводно, СДСМ нема доверба дека досегашиот состав на парламентот навистина ќе работи во таа насока. Оваа партија предлагала изборите да се одложат за септември или октомври, но претходно задолжително да се повлече аболицијата.
Со оглед на распоредот на силите во овој состав на Собранието (да потсетиме дека мандатот на пратениците уставно трае до изборот на нови), теоретски е можно да се состави ново коалиционо мнозинство од пратениците на СДСМ, ДУИ, ДПА и независните (кои се 5 на број). Оттаму, во провладините медиуми веќе се крена паника дека наводно СДСМ на ДУИ и ДПА им понудил следниот премиер да биде Албанец! Или, во најмала рака, Албанци да ги преземат МВР односно УБК!
ДУИ: Ако нема договор за избори, да се врати владата на Груевски и Ахмети
Приказната за Албанец премиер или претседател на Собранието и досега се припишувала како дел од “пакетот” што СДСМ го нудел на ДУИ за формирање коалиција. Интересно е што ставот на ДУИ и во актуелните преговори за излез од политичката криза не е во лакомење кон таквите позиции. Како што објави Бујар Османи, портпаролот на оваа партија, ставот на ДУИ е: ако не се постигне договор за избори на 5 јуни на кои ќе учествуваат четирите партии, за нив најоптимално решение е да се врати владата на Никола Груевски (како премиер) и Али Ахмети со мандат до 2018 година.
Во ваков случај ДУИ ќе инсистира да има гаранции Специјалното јавно обвинителство и ДИK да продолжат да работат, да се повлече аболицијата, но и Владата да ги спроведе препораките на Прибе.

А.П.

Останати вести