Кампањата на СДСМ и коалиционите партнери на парламентарните избори ќе биде под слоганот „Mожеме”, а во секоја изборна единица носители на листи ќе бидат машко-женски тандеми.
По завршување на 24 Конгресот на СДСМ, лидерот на партијата ги претстави носителите на листите и кандидатите за пратеници во шестте изборни единици.
– Министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска ќе бидат носители во Првата изборна единица (1ИЕ);
– во 2ИЕ се техничкиот премиер Оливер Спасовски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска;
– генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски и пратеничката Јагода Шахпаска ќе бидат носители во 3ИЕ;
– лидерот на СДСМ Зоран Заев и пратеничката од НСДП, Соња Мираковска ќе бидат носители во 4ИЕ;
– министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и координаторот на пратеничката група Јован Митревски ќе бидат носители во 5ИЕ;
– во 6ИЕ носители ќе бидат лидерот на БЕСА, Биљал Касами и Фаница Николовска од СДСМ.
– Ова се луѓето кои ќе ја донесат победата на 12 април. Важно е во земјата да продолжат реформите, растот на економијата, на инвестициите и вработувањата, да растат вложувањата во образованието, здравството, културата, социјалната заштита. Изминативе две и пол години покажавме дека можеме. Покажавме дека можеме да работиме и дома, но и на меѓународен план, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев во обраќањето пред делегатите и гостите на Конгресот.
ЗАЕВ СЕ ОТКАЖА ОД КИРАЦОВСКИ, РЕМЕНСКИ, СУГАРЕВСКИ, ЛОКВЕНЕЦ…
Ако се погледнат имињата на кандидатите на изборните листи на СДСМ не може да не се забележи дека недостигаат неколку звучни имиња како меѓу министрите така и од пратениците од сегашниот систем.
Уште на прв поглед се забележува дека ги нема: Александар Кирацовски, Фросина Ременски, Мира Стојчевска-Дизел, Хари Локвенец, Бетиан Китев, Венко Филипче, Рената Дескоска (додуша таа ќе биде претставник на земјата во Венецијанската комисија, на местото на Тања Каракамишева).
Од друга страна, пак, на листата на СДСМ се најдоа Панчо Минов и Зекир Рамчиловиќ кои претходниот пратеничкиот мандат го добија на листата на ВМРО-ДПМНЕ!?