Техничката Влада ја донесе уредбата за предвремените парламентарни избори, согласно која изборната кампања започнува на 24 јуни и ќе заврши на полноќ на 12 јули.
Лицата кои се инфицирани со коронавирусот, а се на домашно лекување и седат во самоизолација, ќе гласаат на 13 јули, за што ќе бидат ангажирани здравствени работници.
– Во општините во кои гласаат овие лица, во зависност од нивниот број, Државната изборна комисија формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор согласно член 38 ставовите 5 и 6 од Изборниот законик, велат од Владата.
Ден пред изборите, како и во претходните изборни циклуси, односно на 14 јули ќе гласаат болните и изнемоштените лица, а самиот изборен ден, кој веќе е утврден за 15 јули (среда) ќе трае од 7 часот до 21.00 часот. За овие плус 2 часа Владата ќе мора да донесе Уредба со законска сила со која ќе го смени соодветниот член од Законот за избори.
Изборниот ден е продолжен поради мерките и протоколите кои мора да бидат запазени за заштита од корона вирусот. Министерството за здравство, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, се задолжува да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место, се истакнува во владиното соопштение.