Македонија беше една од првите земји што воведе биометриски лични документи (лични карти, пасоши, возачки дозволи) и одбра технологија која уште од стартот се покажа дека е несоодветна.
Државата почна да издава биометриски документи во 2008 година кога (во конкуренција со “Хјулит Пакард”) беше одлучено сепак да се земе техологијата на германската “Гесеке” – фирма специјализирана за оваа област. Машините кои беа набавени печатат документи во црно-бела техника а обрасците (бланко документи) се купуваат од германскиот партнер. Ако го занемариме естетскиот изглед, не знаеме за друга држава во светот каде што издавањето на лични документи е процес толку контролиран од полицијата. Мора да бидете фотографирани во полиција, да оставите отпечаток од прст при сликањето и потоа при подигнувањето и целата процедура од почеток до крај се одвива во просториите на МВР. Нема никаква можност за достава по пошта.
Во времето на СФРЈ секој си даваше свои фотографии во МВР (направени според спцификација која фотографите ја знаеја) и процедурата беше со многу помалку стрес.
А денес сите креваат раменици кога македонски државјани буквално заглавуваат во странство поради украден или истечен пасош: те мора да дојде екипа од МВР со подвижен систем за да ве слика (чекањето може да трае со месеци), те ќе го добиете пасошот кога повторно екипата ќе дојде на турнеја (се чека пак уште неколку емсеци). Во сегашната ситуација со пандемија и ограничено патување добивањето македонски пасош во странство станува невозможна мисија.
Уште од воведувњето на биометриската технологија па до ден денес официјалното оправдување за комплицираната процедура е дека само на тој начин можело да се гарантира врвна контрола врз издавањето на биометриските документи!? И сега ни се случи аферата “Двојник” во која гледаме дека “врвната контрола” ти била обично мачкање паштета за деца.
Постојано забораваме, но има многу афери
Мора да признаеме (само ако сакаме да се присетиме) дека одамна циркулираат лични карти и пасоши на “двојници”. Своевремено ги имаше само под контрола на УБК и беа правени за потребите на едната или другата голема партија (како што се менуваа) на власт. Тоа беше пред воведувањето на биометриските документи а потоа овој процес стана дуќан за некои од МВР кои правеа лични карти “двојници” исклучиво за криминални зделки.
Во 2018 година на Злате Стојановски од Скопје полицијата едно рано утро му затропала на врата и го спровела во затвор бидејќи бил осуден за измама при купопродажба на земјиште. Полицајците не сакале да слушаат дека бил невин – нели секој тоа им го кажува. Сиротиот 67-годишник помина повеќе од десет дена зад решетки додека се докажа дека постои измамник кој со истите генералии буквално харал низ Скопско.
Тој измамник зборувал српски и продавал туѓо земјиште како свое. Истражвачката емисија “Код” имаше неколку емисии токму за него – покажувал имотни листови, купопродажбата минувала преку нотар и процедурата била најлегална. Бирал земјишта на лица кои одамна се иселени (имаше еден и во Австралија). Имотниот лист и личната карта на крајот испаѓале дека се фалсификати, а вистинска била само фотографијата на измамникот. Лажниот Злате Стојановски дури успеал да “потроши” две лични карти (период над 10 години) бидејќи на едната имал адреса на ул. “Вера Циривири” а на другата “Партизански одреди” и притоа за стотици илјади евра измамил многу луѓе. Вистинскиот Злате Стојановски пак не ни знаел дека постои судски процес против него. Поканите оделе на погрешни адреси, а кога веќе му ја испратиле полицијата таа го нашла на трета адреса каде што човекот со децении мирно си живеел. Измамникот никогаш не го најдоа, од МВР мудруваа како можело да дојде до ова ама никогаш не прифатија дека проблемот е кај нив, во нивните редови.
Во 2016 година имавме уште поголем случај со “фабриката за афери” во скопски Чаир. Таму, во стан на Зехир Бекири-Чаушот, беа најдени фалсификувани пасоши, лични карти, изводи од матично, државјанства, изводи од банкарски сметки како и оружје. Се покажа дека Чаушот е близок соработник на врвот на СДСМ и дека работел под плаштот на партијата (поседувал и дел од “бомбите” бидејќи ги преведувал од албански на македонски снимките од разговори на функционери на ДУИ). Беше осуден на 2.5 години затвор и одамна е веќе слободен човек. А кој ги направил фалшливите документи не се дозна ни на суд.
Тука да потенцираме дека во сите досегашни афери со двојни односно лажни документи се покажа оти обрасците се оригинални, дека податоците се на постоечки лица и дека само фотографиите биле менувани според потребата. Сето ова не упатува на заклучокот дека таквите фалшливи документи биле изработени/отпечатени токму на машините на “Гесеке” во МВР. И дека се правени со злоупотреба на службена позиција на лица од МВР. Некогаш за политички, другпат за криминални цели.
Крајно време е државата од корен да го ревидира системот, наместо да одржува “статус кво” при што постојано проблемот се турка под тепих. А се открива од време на време во зависност од политичката конјунктура.
И после се чудиме зошто при секое “тресење на тепихот” (на баба Зумбула) не удира тежок мирис на мемла и трулеж.

