Фотографска изложба на Беби Зекировски

Минатата сабота, на 5 март, во Dragon’s Lair Gallery, што работи во состав на Музејот и Галеријата на градската општина Хрствил (предградие на Сиднеј), официјално се отвори изложбата на фотографии под името “Change your lens, change your story – Замени ја твојата леќа, измени ја приказната” на познатиот македонски фотограф, филмски снимател, продуцент, и директор на Македонскиот филмски фестивал во Сиднеј, Беби Зекировски.

„Една фотографија кажува илјада зборови” – беа почетните изјави на промоторот и куратор на музејот, Catherine Thompson, која со најубави зборови даде опис на она што го гледа во фотографиите на Беби. Таа нагласи дека Беби „бара да ја дофати убавината на сликовитото изложување на животот и ги испитува подлабоките значења зад самите настани кои тој ги заробил со неговата камера”.
Иако ова е негова прва самостојна изложба на фотографии, тој не е аматер во „окото” на камерата со која другарувал од своето детство. Во своја продукција има направено повеќе краткометражни филмови, видео музички клипови преку кои се покажува дека е одличен раскажувач на животните особини, навики и сонови.
Секоја изложена фотографија носи со себе приказна и секој може на свој начин да ја протолкува/интерпретира „замрзнатоста” на она што го опфатил во еден момент на фотографијата со својата камера. Од изложените дела се гледа дека тој не се определил само за еден вид фотографии туку го ос­тавил објективот да работи за него и да овековечува моменти кои поттикнале некаква вознемиреност кај него: убавината на природата, животот, осаменоста, на работ на егзистенцијата, душата на човекот и клучот на животот – поетски фрази кои тешко се пренесуваат на фотографии.
Изложбата ќе трае до 3 април а галеријата Dragon’s Lair Gallery се наоѓа на 31 McMahon street во Hurstville и истата е отворена секој ден.

Душан Ристевски

Останати вести