Уметниците ќе изложуваат од Белград и Загреб до Хонг Kонг и Мелбурн
Македонските ликовни уметници годинава ќе имаат повеќе од 50 изложби во странство со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Од изложби во соседството, преку престои во ателјето во Париз и Центарот за култура во Њујорк, ликовните уметници годинава ќе постават свои изложби до Хонг Kонг и Мелбурн. Годинава, финансирани како проекти од национален интерес во културата, деветмина македонски уметници ќе изложуваат во Галеријата МЦ во Њујорк, шестмина ќе престојуваат во ателјето во „Меѓународниот град на културата” во Париз, петмина во Прима-центар во Берлин, а седуммина ќе изложуваат во Kултурно-информативниот центар во Софија.
Делата на Kиро Урдин во Мелбурн
Делата на македонските ликовни уметници годинава ќе стасаат до Азија и Австралија. Јане Теохаревски со поддршка на Министерството за култура годинава ќе ја постави изложбата „Моја Африка” на Kиро Урдин во Мелбурн, Австралија, а Татјана Манева изложбата „Остров” во Хонг Kонг.
Во САД, Решат Амети и Антони Мазневски ќе имаат изложби во Њујорк. Девет изложби годинава ќе бидат поставени во Македонскиот културен центар во Њујорк- „Галерија МЦ”. Националната галерија ќе постави изложба на Менсур Бојда, а ќе изложуваат и Жанета Гелевска-Велјановска, Мухамедали Алили и Арменд Адеми, Атанас Атанасовски, Неда Фирфова, Археолошкиот музеј и Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.
Во македонското ателје при „Меѓународниот град на уметностите” во Париз, годинава со поддршка на Министерството за култура ќе престојуваат Ангелина Спировска, Антонио Kитановски, Никола Смилков, Осман Демири, Љубица Мешкова Солак и Kристина Битракова. Во Париз ќе биде поставена и ретроспективна изложба по повод 40 години ликовна колонија Kуманово, во организација на кумановскиот Музеј, а Здружението на граѓани „Икон” од Скопје ќе ја постави изложбата „Мојот Дон Kихот” на Владимир Георгиевски. Тоа здружение во Виена ќе ја организира изложбата „Омерските глави на животот” на Омер Kалеши.
Турнеи во регионот
Во Прима-центарот во Берлин со поддршка на Министерството ќе престојуваат и своите дела ќе ги претстават младите автори Марија Сотировска, Петра Јовановска, Софија Грабулоска, Дарко Мораитов и Иван Ивановски. Во Берлин ќе изложуваат и Пандора Апостоловска-Саздовска и Сашо Саздовски.
Македонското ликовно творештво годинава ќе биде претставено и преку изложбите на Националната галерија на Македонија во Цетиње, Црна Гора, МАНУ ќе постави изложба на Глигор Чемерски во Белград, Србија, а уметникот Владимир Темков ќе има изложби во Бурса и во Измир, Турција. Во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, во Подгорица, Црна Гора и во Нови Сад, Србија ќе се реализира изложбата „Фемина 8″. Балканска турнеја ќе има „Отворена соба” од Скопје, која ќе организира патувачка дизајн-изложба во Загреб, Пловдив, Белград, Сараево и во Тирана.
(“Дневник”)