Управата на македонската црковна општина „Собор на сите Македонски Светители” од Окланд , Нов Зеланд, донела одлука да ја напушти епархијата со која раководи владиката г. Петар и да побара приклучување кон Австралиско Сиднејската Епархија, со која раководи надлежниот архиереј владиката г. Тимотеј.
Оваа вест ја објавува порталот. „Фаланга”, кој ја објавува и официјалната одлука што управата на црквата ја донела на 28 март оваа година.
Главната причина за напуштањето на Австралиско-новозеландската епархија и барањето за припојување кон Австралиско-сиднејската епархија на МПЦ, била нефункционалноста на црковната општина, поради неможноста надлежниот архиереј и раковдството на епархијата да организираат постојан црковен живот на верниците во Нов Зеланд.
Неколкуте обиди да се назначи постојан свештеник во оваа Црква биле неуспешни.
Сепак од соопштението на Управниот одбор на црквата на МПЦ во Нов Зеланд може да се прочита и уште една сериозна причина за нивното дистанцирање од владиката г. Петар, а тоа е како што велат отстранувањето на Игуменот Гаврил и неговиот прогон.
Македонците во Нов Зеланд велат дека најзначаен за основањето на нивната црковна општина бил токму Игуменот Гаврил и тие имаат единствено доверба во него.
– Една од причините зошто се одлучуваме на овој чекор е и односот кон о. Гаврил. Ние сметаме ако некој е најзаслужен за основањето на Парохијата во Нов Зеланд тоа е о. Гаврил, поранешниот игумен на манастирот св. Прохор Пчински во Донибрук. Благодарение на неговото залагање и напорите на првиот претседател на нашата Парохија Александар Ивановски се дојде до основање на нашата Парохија во Нов Зеланд. На почетокот почесто бевме посетувани од о. Гаврил, и одржувани литургии. Повеќето од нас верниците првите чекори во Црквата ги направивме со поткрепа и благослов на о. Гаврил и тој ни беше нашиот духовен водач. Тој ни помагаше со свеќи и други материјални средства за Црквата. При една посета ни донесе 7,000,00 АУД., средства донирани за нашата Црква од верниците при Манастирот “Прохор Пчински”, Мелбурн.
Првото венчавање во нашата Црква беше извршено од о. Гаврил, а наредниот ден беше извршено и Свето Крштевање. Луѓето тука многу го почитуваат о. Гаврил и само на него му веруваат. Тоа им го кажавме на о. Љупчо Каревски, о. Јовица Симоновски и на Владиката Петар. Неколку пати побаравме од Епархијата да не посети о. Гаврил за поддршка и поттикнување на моралот кај народот, без објаснување бевме одбивани или под објаснување дека “о. Гаврил е презафатен”. Се почувствувавме разочарани и измамени затоа што ние не сме мали деца или луѓе без интелект па да им поверуваме на таквите нивни ниски измислици. Ние не знаевме дека тој имал постојани притисоци и закани од раководството на Австралиско Новозеландската Епархија, за тоа дознавме од интернет, социјалните мрежи и медиумите. Знаејќи ги лично о. Гаврил и луѓето од раководството на МПЦЕАНЗ кои го обвинуваа, секако дека повеќе му веруваме на о. Гаврил и застанавме зад него. Побаравме и официјално објаснување за случувањата со о. Гаврил, на што ни беше одговорено со две реченици дека “се е под контрола и секој си ги извршува своите должности, и дека нема никаков проблем”.
За Божиќ 2016 год. служеше Архиерејскиот Заменик о. Јовица Симоновски. При читањето на писмото тој го оцрнуваше и навредуваше о. Гаврил, за кое верниците не сакаа да слушаат и ја напуштија Црквата. За секој неуспех во нашата Парохија и Епархијата раководството на Епархијата го обвинуваше о. Гаврил. После сите овие случувања повеќето од македонските верници ја напуштија нашата црква и своите духовни потреби ги задоволуваат со посетување на другите Православни Цркви, Руската и Српската Црква, а младите воопшто не одат на црква или почнаа да си ја менуваат нашата света православна вера со што повторно дојдовме до состојбата од пред 20 години, пишува во образложението на одлуката Управниот одбор на Црквата во Нов Зеланд.
Засега нема реакција од Владиката г. Петар за оваа одлука.
РЕЛИГИЈА.МК

