Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, ги информираше новинарите дека согласно одлуката на Владата и согласно Законот за филмска дејност, оваа институција со која што тој раководи повела постапки пред сите надлежни институции поради очигледните прекршувања на потпишаниот договор од страна на видео продукцијата „Јадран филм” за реализација на играна серија „Македонија”, договор кој тежи 4.6 милиони евра.
Станува збор за најскапата серија што некогаш е нарачана во историјата на македонската кинематографија.
Како што потенцираше директорот Тозија, целта е со преземените чекори оваа државна институција да ги заштити парите на граѓаните и да ги врати во буџетот на Република Македонија.
„Иако сите рокови од договорот се поминати, до ден денеска Агенцијата за филм нема добиено од продукцијата ниту серија, ниту документи, нема ниту никакви известувања каде уплатените пари за првата серија во висина од 1.1 милион евра се потрошени. Договорот за серијата изнесува вкупно 4.6 милиона евра. Првата серија е финансирана со една голема авансна уплата, што е невообичаено и нестандардно за филмската индустрија и телевизиските серии. По нашата преписка со продуцентот, престаната е комуникацијата, нема никакви одговори и Владата на Република Македонија донесе одлука да се раскине договорот и да се бара поврат на средствата”, изјави директорот Тозија.
„Јадран филм” бил регистриран во Скопје 5 дена откако бил распишан конкурсот за серијалот
До 4 септември требало да биде готова првата сезона од 14 епизоди, но сè уште ништо не е испорачано. Случајот е пријавен во МВР и во финансиската полиција, а го истражува и обвинителството.
Комисија од Агенцијата, а подоцна и од Министерството за култура оделе во инспекција во продукцијата куќа, но не нашле ништо. На адресите кои им ги давале од „Јадран филм” комисијата наоѓала адвокатска канцеларија, кафе бар и други приватни помали фирми.
Директорот на Агенцијата, Горјан Тозија, се сретнал со продуцентот, но вели не го убедил во тоа што го ветувал, односно дека ќе ја сними и испорача серијата. Продуцентот кога зборувал за серијата „Македонија” кажувал дека тоа ќе биде надсерија, дури и подобра од „Игра на троновите”.
Интересно е што „Јадран филм” – Скопје во Македонија е регистриран пет дена откако бил распишан конкурсот за серијата. Симптоматично е, според Тозија, и тоа што конкурсот објавен во 2015-та година е направен така за да одговара на тоа што го понудиле од „Јадран филм”. Нејасно е како претходната власт распишала и резервирала толкава сума пари, а до надлежните продуцентот не доставил ниту сценарио.
Друг детал на кој упатуваат надлежните е што не се знае дали станува збор за документарна серија, играна или нешто друго. Од симптоматичните детали кои ги споменува Тозија во врска со доделувањето на парите за серијата е и тоа што е направена измена во Законот за филм во еден од членовите кој се однесува за финансирање филмови. Лимитот за финансирање филм од страна на државата е 1 милион евра, но со измените во членот покрај за филм се додаваат и други аудиовизуелни дела за кои не постои ограничување во средствата што може да се доделат.
Каков ќе биде епилогот околу овој случај во иднина се очекуваат информации и од надлежните, како што е обвинителството кое отворило предмет. Надлежните очекуваат дека ќе успеат да вратат и дел од парите што веќе се дадени.
Продуцентот на серијата „Македонија” реагира: Тозија ја манипулира јавноста
– Отворени сме за соработка и ќе ги доставиме сите документи и информации поврзани со нашата работа. А директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија свесно ја манипулира јавноста за целиот случај што покажува на неговата личност и намера во целост.
Ова го истакна продуцентот на серијата „Македонија”, Винко Грубишиќ, во реакција до јавноста.
Според него, Тозија се сретнал со претставници на „Јадран филм” и не само што ја договорил динамиката на продукцијата, туку и се вклучувал во именување на лица од заедничка доверба на чело на продукцијата, Борис Грегуриќ.
– Ние сме компанија која има 71-годишно искуство, која продуцирала преку стотина филмови и најскапи серии и никогаш не фалело ни еден денар. Така ќе биде и овој пат, наведува Грубишиќ во дописот до јавноста.
Како што тврди, ова е обид за компромитација на проектот од страна на Тозија и како би се запреле сите подметнувања, „Јадран филм” службено понудил двојна гаранција за секој денар од страна на матичната компанија, како и од него лично како продуцент, тврди Грубишиќ.
Пред неколку дена на интернет беше објавено промотивно видео за првата сезона на серијата “Македонија”.
„Објавувањето на трејлерот е првиот чекор што го правиме во презентација на играната серија „Македонија” пред јавноста и во транспарентен процес ќе ги надминеме сите предизвици со кои се соочивме и се соочуваме за време на подготовките и снимањето на првата сезона од серијата. Серијата нема никаква политичка заднина, првата сезона е снимена и ќе се емитува наскоро”, вели Грубишиќ.
Тој посочува и оти на серијата работеле речиси две години и дека истата веќе е продадена и ќе се емитува во девет земји.
Меѓутоа, ова видео се појави само на интернет, до Агенцијата за филм не е ни доставено. Ова говори колку се прекинати сите линии на соработка.