Јаковац обвинет поради повик за убиство на муслимани и Евреи

Младиот Тајлер Јаковац е обвинет за кривични дела поврзани со тероризмот, при што судските документи открија дека тој повикал на убиство на оние кои „не се белци, туку муслимани и Евреи”.

Австралиската федерална полиција соопшти дека маж од градот Албури во јужниот дел на Нов Јужен Велс редовно користел форуми на социјалните медиуми и апликации за комуникација во текот на 2020 година за да ги охрабри другите луѓе да извршуваат насилни акти во насока на напредување на екстремно десничарската идеологија.
Тајлер Јаковац (18) е уапсен од неговиот дом во средата наутро откако полицијата започна истрага за неговите комуникации преку интернет.
Тој беше приведен неколку часа откако наводно објавил коментари на интернет, кои сугерирале дека е „подготвен да биде вклучен во настан со масовни жртви”.
„Истражителите беа загрижени од содржината на некои од комуникациите на Јаковац, што наводно, укажувало на неговата подготвеност да изврши насилно или кривично дело”, се вели во соопштението на австралиската полиција.
„Единствената цел на денешната активност беше да се осигури безбедноста на заедницата со спречување на понатамошно планирање, подготовки или застапување од овој човек што може да резултира со напад во Австралија”, рече Скот Ли, помошник-комесар на Австралиската федерална полиција за борба против тероризмот.
Јаковац е обвинет по две точки – поттикнување насилство врз членови или групи и заложување за тероризам – и доколку се докаже дека е виновен, може да биде затворен до 12 години за секое дело.
Неговиот случај беше разгледуван пред локалниот суд во Албури, но тој не беше присутен физички. Случајот сега ќе биде разгледан во Сиднеј на 26 февруари.
Австралиската полиција исто така тврди дека Јаковац „споделувал упатства за правење бомби и изразувал поддршка за екстремистичката идеологија на апликација со шифрирани пораки”.
Овој случај доаѓа во моментот кога Парламентот на Австралија започна истрага за зголемувањето на екстремниот десничарски екстремизам и радикализам во земјата.

Останати вести