Специјалната обвинителка Катица Јанева ќе работи повеќе од 30 предмети. Вакво известување и најново трето барање за избор на нејзиниот тим таа испратила до Советот на Јавни обвинители, со кое им укажува на обвинителите дека и се потребни сите помошници кои ги барале бидејќи ќе има многу предмети од бомбите.
Но, и ова писмо не ги премислува во советот. Претседателот Петар Аневски вели дека ни сега немаат намера да закаже седница за барањето на специјалната обвинителка.
Јанева во писмото бара обвинителите да бидат избрани што поскоро бидејќи роковите за почеток на нејзината работа поминуваат и одеднаш ќе мора да се работат многу по број но и обемени предмети.
Но од Советот велат дека за нив тоа не се нови околности кои би наложиле итна потреба да се изберат обвинители. Изборот на обвинителите на Јанева го следи и мисијата на ОБСЕ. Од таму велат дека засега немаат мандат да ја следат нејзината работа, но додека не се избере целиот тим ќе присуствуваат на сите седници на Советот.
Советот на јавни обвинители не го избра комплетниот тим на Јанева бидејќи смета дека седумина обвинители се доволно да сработат триесетина предмети. Од Советот се пожалија дека обвинителите во државните обвинителства работат три пати повеќе предмети со многу помалку пари и ресурси и затоа на Јанева нема потреба да и се изгласа голем тим.
За советот се спорени и некои од имињата на листата бидејќи се обвинители кои донеле одлука за обвинение за случајот Пуч, а во тимот на Јанева ќе треба да го истражуваат истиот случај.