Јанева беше скоро четири часа на распит за „Рекет“: Не чувствувам вина, се надевам дека ќе има судење, па сè да се расчисти

По повеќе од четири часа распит, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со насмевка излезе од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде што даваше исказ за истрагата „Рекет”. Јанева потврди дека во обвинителството била повикана во својство на сведок.

– Се работи сe уште за истрага. Повикана сум како сведок. Не знам дали обвинителката ќе реши да бидам и осомничена, рече Јанева.
На прашањето зошто кај Вилма Русковска на распит дошла со адвокат, Јанева одговори дека како сведок имала право со себе да носи правен консултант. Дел од новинарите забележаа дека такво непто не било дозволено при распититие на сведоци во СЈО.
Јанева ова само го потврди а на прашањето што кажала пред колешката Русковска рече:
– Морате да бидете трпеливи, истрагата е тајна, рече Јанева на прашањето дали таа разговарала по телефон со бизнисменот Орце Камчев, односно дали признава дека се слуша нејзиниот глас како му вели: „Се ќе биде ОК”.
На прашањето дали знае каде се наоѓа сега Камчев рече дека не и е познато.
– Ова е истрага и во истрага не се споделуваат информации. Не можм јавно да кажам дали е тоа мојот глас. Ќе има најверојатно судење и таму ќе се кажат работите. Два мои телефони што сум ги користела се на анализа во Обвинителство. Тој што бил форматиран е трет, што беше изгубен. А дали истрагата ќе се води и против мене – не знам. Јас не чувствувам вина. Не знам дали во случајот има инволвиран и политичар, беа одговорите на бројните прашања на новинарите по излегувањето од распитот.
На прашањето зошто сакала да направи спогодба со осомничените во „Империја”, Јанева исто така се повика на тајност на истрагата, со коментар, „почекајте, ние допрва ќе се гледаме, и тоа ќе се објасни”.
Додека Јанева се обидуваше да одговори на новинарските прашања, адвокатот Стеван Павлески од зад грб и дошепнуваше по секое прашање да се повикува на тајност на истрагата. На крајот дури и гласно и порача дека не мора повеќе да одговара на новинарските прашања, велејќи и: „Не си на распит”.
На крајот, пред да влезе во службениот автомобил, како да се слушна дека рече “да” на прашањето дали знае каде завршиле парите.

Останати вести